СОВРЕМЕНИ ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМИ

Исто така достапно во Deutsch, English

Учебникот „Современи политички системи“ е колективен и сеопфатен труд на проф. д-р Саво Климовски, проф. д-р Тања Каракамишева Јовановска и на доц д-р Александар Спасеновски, од катедрата по Уставно право и политички систем на Правниот факултет “Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Учебникот е изработен со поддршка на Фондацијата Конрад Аденауер.

Основната намера да се напише ова дело произлезе, пред сė, од потребите на студентите што студираат на политичките студии, на студиите по новинарство, како и на студиите по односи со јавноста, организирани како студии од прв циклус, а, секако и на студентите од постдипломските мастер студии на насоката Уставно право и мастер студиите по Политички науки. Освен тоа, овој учебник кореспондира и со наставните програми и на останатите факултети во Република Македонија за правни науки, за новинарство, за јавна администрација, за односи со јавноста, како и за останатите сродни академски области. Секако, со оглед на целите на секој високошколски учебник, веруваме дека ова дело ќе им биде корисно и на сите практичари надвор од универзитетите кои се занимаваат или се интересираат за проблематиката поврзана со уставното право и со политичкиот систем.

Учебникот „Современи политички системи“ е составенод предговор и два дела. Првиот дел од учебникот е воведен и теоретски и во него е изложена детална анализа за природата на оваа научна дисциплина посебно во делот на општите поими и категории како дел од политичкиот систем, на пример, што е политика, што е политичка власт, што се политички процеси, кои се елементите на политичката власт, каде се остварува политичката власт, што е систем на организација на власта, кои се елементите на законодавната, на извршната и на судската власт и.т.н. Понатаму, на темелот на изнесеното, дадена е и експликација на различните класификации на системите на организацијата на државната власт, видовите и подвидовите на системите, карактеристиките на институциите кои функционираат во политичките системи (парламент, претседател, влада, судство, н.з.) видот на нивните надлежности, правата и обврските на политичките институции, односите меѓу институциите, прашањето на политичката одговорност и слично. Вториот дел од учебникот е апликативен и во него е даден детален осврт на уставниот и политичкиот систем на Обединетото кралство, како држава-монархија во која најдоследно е имплементиран парламентарниот систем на организацијата на власта, потоа на Соединетите американски држави, како земја во која најдоследно е имплементиран претседателскиот систем на организацијата на власта, на Швајцарската конфедерација, како земја во која се најизразени елементите на собранискиот (директоријалниот) систем на организацијата на власта, како и на Сојузна Република Германија, како сложена, федеративна држава, во која егзистира рационализираниот парламентаризам како вид мешовит систем на организацијата на државната власт. Исто така, посебно внимание во учебникот добива и политичкиот систем на ЕУ, како посебен вид политички систем. Воведно-теоретските сознанија за системите заедно со апликативните елементи на конкретното функционирање на политичките институции во секоја од наведените држави нудат детална претстава за(не)ефикасноста,(не)успешноста, и резултатите што одделните модели на организацијата на државната власт ги имаат во пракса. Анализата на конкретните позитивни и негативни елементи од начинот на кој функционираат политичките институции во одделните политички системи ја заокружуваат целината на оваа научна дисциплина.

При пишувањето на учебникот „Современи политички системи“ е консултирана соодветна стручна и научна литература во која влегуваат и понови сознанија на референтни автори и научни авторитети. Секако, со оглед на фактот дека станува збор за тема која е предмет на уставно и законско регулирање на државите, консултирани се и поголем број уставни и законски текстови на државите чии уставни и политички системи се предмет на интерес. Авторите искрено веруваат дека со овој учебник дополнително ќе се разјасни и натамошно ќе се доближи оваа сложена и повеќеслојна проблематика до сите заинтересирани личности. Секако, наспроти систематичноста во пристапот и соодветната исцрпност во објаснувањата за секоја од темите, останува констатацијата дека овој сложен и бескраен простор и во иднина ќе се истражува, при што дополнително ќе се збогатува и облагородува овој труд во изданијата што ќе следуваат.

издадено

Macedonia, 4. Oктомври 2017.