Event Reports

ДЕН НА ЕВРОПА 2016

Одбележување на Денот на Европа, 9 мај

Фондацијата Конрад Аденауер традиционално ја поддржа манифестацијата која го одбележува 9 мај – „Денот на Европа" во организација на Европското Движење во Македонија.

Оваа година фондацијата поддржа неколку различни настани на различни локации во рамки на генералната програма за одбележување на Денот на Европа 2016:

• Дебата и натпревар по ораторство на Универзитетот „Св.Климент Охридски" во Битола, одржани на 04 Мај. Плодната студентска дебата на тема „Чекајќи ја европската интеграција: отселување од државата или борба за подобри можности на младите?” беше увертира за ораторскиот натпревар на темата „Долго време пред портата на ЕУ: Каде е клучот". На натпреварот учествуваа студенти од осум универзитети во Република Македонија.

Победници на натпреварот беа:

1.Кристина Сибиновска, Универзитет „Св.Кирил и Методиј" – Скопје

2.Стефани Арсовска, ФОН Универзитет – Скопје

3.Лина Димоска, Универзитет „Св.Климент Охридски" - Битола и Филип Ристески, Универзитет „Св.Климент Охридски" – Битола

• Натпревар за најдобар есеј и најдобра театарска претстава за ученици од средните училишта во Република Македонија, настан одржан на 8 мај на Филозофскиот факултет во Скопје. На настанот се презентираше првонаградениот есеј на победникот Марио Божиновски од Охрид на тема „Вклученоста на младите од Југоисточна Европа во развојот на регионот".

Во рамки на натпреварот за најдобра театарска претстава се изведоа пет кратки театарски точки на тема „ЕУ во желбите на младите: Билет во еден правец за Европската Унија". Победници беа учениците од СОУ „Ѓорче Петров" од Прилеп. Второто место го освоија учениците од ГУЦ „Здравко Цветковски’’ од Скопје, додека третото место им припадна на младите актери од средното училиште „Никола Карев" од Струмица.