Asset Publisher

Einzeltitel

Парламентарно право

Учебникот „Парламентарно право“ е колективен и сеопфатен труд на проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска и на проф. д-р Александар Спасеновски, сите професори на катедрата по Уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основната намера да се напише ова дело произлезе, пред сè, од потребите на студентите што студираат на правните студии, на политичките студии, на студиите по новинарство, како и на студиите по односи со јавноста, организирани како студии од прв циклус, а, секако, и на студентите од вториот циклус, мастер студиите на насоката уставно право и политички систем и мастер студиите по политички науки. Истовремено, со оглед на целите на секој универзитетски учебник, веруваме дека ова дело ќе им биде од полза и на сите заинтересирани субјекти надвор од универзитетите кои се занимаваат или се интересираат за оваа значајна проблематика.

Asset Publisher

Парламентарното право од секогаш го привлекувало вниманието на научните работници и на истражувачите од областа на правно-политичките науки, но и од практичарите кои секојдневно се среќаваат со парламентарната проблематика преку работата и дејствувањето во парламентите.

Содржината на учебникот е така поставена и систематизирана што најнапред ги проучува најопштите институти, принципи и вредности суштински за работењето и функционирањето на парламентите воопшто.

Потоа, учебникот навлегува во компаративен осврт на функционирањето на модерните парламенти, како и дава сеопфатна историска и современа анализа на македонскиот парламентарен живот.

Важен негов дел е оној посветен на проучување на изборите и посебно на изборните кампањи како клучен сегмент во оформувањето на парламентите, прашањата поврзани со политичката култура и политичкиот дијалог како суштинска претпоставка за нормално одвивање на парламентарниот живот и на политиката генерално.

Како што е посебно нагласено во учебникот, нивото на политичка култура што пратениците од власта и од опозицијата го (не)имаат игра голема улога врз изборот на концептот и темелите на кои е поставен политичкиот систем, како функционира парламентот, како е организирана неговата структура, на кое ниво се односите со носителите на извршната власт и слично.

Споредбениот осврт на работењето на неколку парламенти во светот презентиран во учебникот претставува додадена вредност на трудот. Компаративната анализа секогаш има големо значење при утврдувањето на предностите и негативните страни во функционирањето на парламентарниот живот, а со цел нивно надминување, кога се уочуваат одредени слабости, или надградување, кога станува збор за утврдени предности и добри практики.

Учебникот содржи и анализа на современата парламентарна процедура заснована во согласнот со принципот на проучување на најважните алатки потребни за доаѓање до решенија за клучната дилема кога и како треба да се употреби парламентарната моќ.

Во оваа смисла, во делот на парламентарната постапка се проучени средствата потребни за конкретна употреба на таа моќ, како и процесите преку кои се легитимира извршувањето на таа моќ. Парламентарната постапка во учебникот е проучена преку користење на два пристапа ‒ традиционален и демократски, бидејќи е познато дека само преку користењето на традиционалниот, историскиот пристап за тоа како работите биле вршени во минатото не може да се дојде до сеопфатно разбирање и прифаќање на состојбите развивани во согласност со новите демократски правила.

Токму овие нови правила и принципи се суштината на современото парламентарно право. Меѓу најважните принципи се вбројуваат принципот на заштита на малцинствата кога се спроведува мнозинскиот принцип при парламентарното одлучување, а со цел спречување на т.н. парламентарна тиранија на мнозинството врз малцинските пратеници, но и обратните тенденции на фаворизирање на малцинските предлози на штета на мнозинството во собранието, принципите на транспарентност, отчетност и одговорност во работењето на парламентарците, принципот на отвореност и слободно изразување на мислењето на пратениците во дебатите и работата на парламентот, како и принципот на демократска организираност на парламентот.           

Парламентите и нивната работа несомнено го привлекуваат вниманието на сите оние кои директно или индиректно покажуваат интерес за нивното постоење во системот, како и за нивното функционирање во рамките на државната организација на власта. Невозможно е да се добие целосна претстава за политичкиот систем на една земја без да се познава и да се проучи нејзиниот парламент и парламентарниот живот од историска и современа перспектива. Токму поради оваа суштинска констатација парламентарното право добива на уште поголемо значење имајќи предвид дека во него се наоѓаат податоци и информации кои ја отсликуваат реалната вредност на оваа научна дисциплина. Предизвикот да се навлезе во парламентарните процедури, но и во севкупниот парламентарен живот ни беше главната водилка во пишувањето на ова дело.

Искрено се надеваме дека нашиот предизвик сфатен како акција за истражување и за анализирање на позначајните податоци поврзани со парламентарниот свет го преточивме во корисно четиво од кое ќе имаат полза  не само нашите студенти, туку и пошироката стручна и научна публика.

 

На почеток

Asset Publisher

comment-portlet

Asset Publisher

Asset Publisher