Пред повеќе од 15 години, Поглаварот на сите православни верници, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј понуди изненадувачки за многумина став во кој загадувањето и секое друго загрозувачко однесување кон природата го дефинираше како грев. По тој негов потег, од некои го заработи епитетот „Зелен патријарх’. Некои тоа го дефинираат со потсмев, други со оправдување. Но, неговиот однос продолжи со проповедување за грев и осуда за секое загрозување на природата.
Од денешна дистанца, овој став веќе не се гледа како радикален и како спротивен на религијата. Во тој правец на еколошка самосвест се почесто зборува и актуелниот Папа Франциск, но и други поглавари на верските заедници во светот.
Таквиот проеколошки поглед го застапуваат и се повеќе претставници на муслиманите, повикувајќи на зачувување на водата, природните ресурси и биодиверзитетот на земјата.
Глобалното затоплување станува се почесто дел од дискурсот на верските лидери во светот. Екологијата не е непозната за верските учења. Во Библијата можат да се најдат цитати и мисли кои од денешна перспектива се дефинираат како еколошки во заштитата на околината, но тие сепак имаат второстепено значење кога станува збор за проповедите и учењата на верските заедници.
Фондацијата Конрад Аденауер, Институтот за политички истражувања Скопје и интернет порталот „Религија.мк“, во ова истражување на јавното мислење го актуелизира ова прашање со цел да ја провери перцепцијата на луѓето околу улогата на религијата во заштитата на животната средина.
Спасение на созданието, или спасување на она што Бог го создаде, и како денеска верниците гледаат на тоа е темата на која е посветено ова истражување.
Истражувањето е поставено на три основни дела, кои даваат сеопфатна слика за перцепцијата.
Првиот дел од истражувањето е класичниот базичен во кој се детектира верската определба и припадност на анкетираните и нивната лична перцепција и размислување за екологијата и животната средина, но и за тоа колку тие се запознаени и дали сметаат дека религијата и екологијата имаат допирни точки.
Вториот дел од истражувањето е посветен на оценките на верниците во поглед на тоа дали и колку верските заедници, според нив, работат на екологијата, на грижата за животната средина, дали и колку екологијата и животната средина се присутни во проповедите и ставовите на верските претставници.
Третиот дел од истражувањето е посветен на одобрување, или не одобрување на верниците за таков однос на верските лидери кон оваа тема, односно дали сметаат дека треба да бидат проактивни или не на оваа тема.
Истражувањето е спроведено телефонски на репрезентативен примерок од 1100 испитаници постари од 18 години. Маргиналната грешка е помеѓу +/-3.2% со 95% интервал на веродостојност.