Официјалната програма започна со поздравен говор на официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија Даниел Браун. Тој ја нагласи уникатната улога на една политичка фондација во мала земја како Северна Македонија, која одржува блиски релации со политичките носители на одлуки, академската заедница и клучни чинители од граѓанското општество. Браун ја истакна не само конструктивна работа на фондацијата на терен заснована на доверба, туку и нејзината улога како амбасадор на Северна Македонија во Германија, преку активности кои ја зголемуваат видливоста и разбирањето за земјата. Тој изрази и признание на вработените во КАС за нивната долгогодишната посветеност, кое беше потврдено и во обраќањата на наредните говорници.
По поздравниот говор на Даниел Браун, Премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски изрази задоволство од континуираната присутност на Фондацијата Конрад Аденауер на политичката сцена на Северна Македонија. Тој особено го нагласи придонесот на фондацијата во насока на едукацијата на младите во земјата, преку спроведување и поддршка на бројни образовни и граѓански иницијативи. Во своето обраќање Мицкоски потсети и на времето кога неговата партија ВМРО-ДПМНЕ се соочувала со голем скептицизам, подвлекувајќи дека фондацијата секогаш останала искрен партнер, при тоа заклучувајќи дека долгогодишната соработка со фондацијата, сега и во рамките на владејачката структура и институциите, несомнено ќе придонесе кон напредокот на Северна Македонија во остварување на нејзините европски цели.
Проф. д-р Норберт Ламерт, Претседател на Фондацијата Конрад Аденауер и поранешен Претседател на Германскиот Бундестаг, осврнувајќи се на улогата на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на владеењето и носењето одлуки, ја нагласи важноста на долгорочната посветеност на стипендистката програма на фондацијата и нејзината улога во образованието на идни лидери во земјата и надвор од неа. Тој како пример го спомена германскиот канцелар Фридрих Мерц, како доказ за придонесот на оваа програма во германската политика, истакнувајќи дека ова наследство е видливо и во Северна Македонија, каде што поранешни стипендисти на КАС денес имаат активна улога во носењето одлуки во земјата.
Свечените говори во рамки на церемонијата ги заокружи Н.Е. Петра Дрекслер, Амбасадорка на Сојузна Република Германија во Северна Македонија. Во своето обраќање, таа ја истакна значајната улога на Северна Македонија како дел од европското семејство, потенцирајќи го влијанието и придонесот на фондацијата како за земјата така и за европскиот проект во изминатите 25 години.
На крајот од свечената церемонија беше прикажано кратко видео за работата и ангажманот на фондацијата во Северна Македонија, кое може да се погледне на официјалната веб-страница на КАС. На крај, Даниел Браун ги покани гостите на коктел-прием, каде присутните имаа можност во понеформална атмосфера да разменат мислења и искуства.
Настанот беше можност за сите нас да направиме ретроспектива на нашата работа и да погледнеме кон иднината. Фондацијата Конрад Аденауер е благодарна за довербата, дијалогот и досегашната соработка, кои ја одбележаа нејзината работа во Северна Македонија низ годините. Нашите заложби за конструктивен ангажман, силни институции и заедничка европска иднина ќе продолжат и во иднина.