Asset Publisher

Извештаи за настани

Меѓурелигиски час

од Daniel Braun, Robert Janev

Улогата на теологот во 21-от век: Предизвици и Компетенции

Во рамки на проектот „Меѓурелигиски час“, беше реализирана значајна студиска посета на две исклучително важни локации како од културен така и од верски аспект во Скопје – Храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ и Џамијата „Султан Мурат“. Овој настан претставуваше уште еден чекор кон продлабочување на меѓурелигиското разбирање и градење доверба меѓу младите теолози во земјата.

Asset Publisher

Сподели

Во студиската посета учествуваа студенти од Православниот Богословски Факултет „Св. Климент Охридски“ и Факултетот за Исламски Науки, кои имаа можност одблизу да се запознаат со духовното, историското и културното значење на православната и исламската верска традиција. Посетите не беа само информативни, туку и симболичен чин на меѓусебна почит и отворање простор за меѓусебен дијалог.

Клучен дел од настанот беше заедничката дискусија на тема „Улогата на теологот во 21-от век: предизвици и компетенции“, која се одвиваше во отворена атмосфера со взаемна почит. Дискусијата беше водена од проф. д-р Анета Јовковска и проф. д-р Мухамед Мустафи, кои со своето академско и практично искуство дадоа значаен придонес за продлабочување на дискусијата.

Во разговорот беа поставени прашања поврзани со современите општествени предизвици, потребата од активна улога на теологот во јавниот простор како и значењето на етичките вредности, комуникацијата и меѓурелигиската соработка. Студентите имаа можност активно да се вклучат, да поставуваат прашања и да споделуваат сопствени размислувања и искуства.

Настанот уште еднаш ја потврди важноста на неформалното образование како моќна алатка за поврзување, размена на мислења и градење заемно разбирање. Преку ваквите активности, студентите не само што ги прошируваат своите академски знаења туку и развиваат социјални и интеркултурни компетенции неопходни за нивната идна улога на професионален план.

Особено значајно е што проектот „Меѓурелигиски час“ овозможува простор каде што младите луѓе од различни верски традиции можат да се запознаат, да ги надминат стереотипите и да изградат односи засновани на дијалог и соработка. Овие искуства се основа за долгорочно зајакнување на меѓурелигискиот дијалог и општествената кохезија во земјата.

Со реализацијата на оваа студиска посета, проектот „Меѓурелигиски час“ уште еднаш ја потврди својата мисија – поттикнување на меѓусебно разбирање, почит и соработка меѓу младите теолози. Ваквите иницијативи се особено важни во мултиетничко и мултирелигиско општество како македонското, каде дијалогот и заемната почит се клучни за стабилна и инклузивна иднина.

Проектот продолжува да биде платформа за учење, поврзување и инспирација со јасна визија за општество во кое различностите се доживуваат како богатство а не како пречка.

Asset Publisher

comment-portlet

Asset Publisher