Asset Publisher

Veranstaltungsberichte

Политички партии и интересовни групи

Уште од отворањето на претставништвото на Фондацијата Конрад Аденауер во 2000 година, беа реализирани значаен број на активности кои имаат за цел да придонесат кон понатамошно подобрување на вкупните прилики во Република Македонија. Во таа смисла, соработката со академската заедница претставува посебен императив за нас, при што поддршката во издавањето на овој учебник претставува уште еден логичен чекор во оваа насока. Се надеваме дека овој учебник ќе ги збогати знаењата не само на студентите, академците од високообразовните институции во државата, туку и на сите други добронамерници.

Asset Publisher

Првото издание на универзитетскиот учебник „Политички партии и интересовни групи“, на авторите проф. д-р Саво Климовски и проф. д-р Тања Каракамишева, беше издадено во 2007 година. Девет години подоцна, во април 2016 година, се објавува изменето и дополнето издание на овој труд, во авторство на проф. д-р Саво Климовски, проф. д-р Тања Каракамишева и доц. д-р Александар Спасеновски.

Овој труд првенствено е наменет за студентите на политичките науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, како и за останатите студенти од другите универзитети во државата кои во рамките на нивните курсеви ја проучуваат оваа исклучително значајна проблематика. Освен тоа, овој учебник кореспондира и со наставните програми и на факултетите за правни науки, за новинарство, за јавна администрација, за односи со јавноста, како и останатите сродни академски области. Секако, со оглед на целите на секој високошколски учебник, веруваме дека ова дело ќе им биде корисно и на сите практичари надвор од универзитетите кои се занимаваат или се интересираат за проблематиката поврзана со политичките партии и интересовните групи.

Учебникот „Политички партии и интересовни групи“ е составен од пет дела.

Првиот дел со наслов: „Политички партии и партиски системи“ е составен од шест глави, при што во првата се изложени согледувања за основните прашања кои се однесуваат на политичките партии како форма на организирање на луѓето во демократските општества. Во втората глава, пак, на темелот на информациите од првата глава, дополнително се разјаснува оваа проблематика преку изложениот осврт кој се однесува на прашањето на развојот на политичките партии во четири референтни држави, односно Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Франција и Сојузна Република Германија. Понатаму, во третата и во четвртата глава од првиот дел, дополнително се разјаснува оваа област преку изложените согледувања кои се однесуваат на темата „партиски лидер и теории за лидерството“, како и на темата „внатрепартиски судири и фракции“. Конечно, сознанијата од овој, прв воведен дел, се заокружуваат во двете последни глави кои се однесуваат на прашањето на видовите политички партии и партиски системи, како и на прашањето на финансирање на политичките партии.

Вториот дел од учебникот со наслов: „Политичките партии во Република Македонија“ е составен од три глави, при што во првата се разработува проблематиката на партиското организирање пред создавањето на Социјалистичка Република Македонија, во втората се разработува партискиот систем на Социјалистичка Република Македонија, додека во третата глава се разработува партискиот систем на денешна Република Македонија.

Третиот дел од учебникот со наслов: „Избори и изборни системи“ е составен од четири глави, при што во првата се разработува прашањето на суверенитетот на граѓаните, во втората се разработени облиците на посредна демократија, додека во третата глава се изложени согледувања поврзани со изборниот систем како дел од вкупниот уставен и политички систем на државите. На темелот на изнесеното во овој дел, но и во претходните делови, во последната глава се разработени релациите помеѓу изборниот и партискиот систем.

Во четвртиот дел од учебникот со наслов: „Европските партии и партискиот систем на Европската унија“ дополнително се разјаснува проблематиката преку примерот на еден важен политички ентитет, особено референтен за Република Македонија, но и за демократскиот свет генерално.

Конечно, на самиот крај од учебникот, во неговиот последен петти дел со наслов „интересовни групи“, се изложени согледувања поврзани со карактерот на оваа форма на организирање на луѓето, како и со релациите што се развиваат помеѓу овие групи и државните институции, односно помеѓу овие групи и политичките партии.

При пишувањето на учебникот „Политички партии и интересовни групи“ е консултирана соодветна стручна и научна литература во која влегуваат и понови сознанија на референтни автори и научни авторитети. Секако, со оглед на фактот дека станува збор за тема која е предмет на уставно и законско регулирање на државите, консултирани се и поголем број уставни и законски текстови на покарактеристични држави, како и на нашата земја, Република Македонија.

Авторите искрено веруваат дека со овој учебник дополнително ќе се разјасни и натамошно ќе се доближи оваа сложена и повеќеслојна проблематика до сите заинтересирани личности. Секако, наспроти систематичноста во пристапот и соодветната исцрпност во објаснувањата за секоја од темите, останува констатацијата дека овој сложен и бескраен простор и во иднина ќе се истражува, при што дополнително ќе се збогатува и облагородува овој труд во изданијата што ќе следуваат.

На почеток

Asset Publisher

comment-portlet

Asset Publisher

Asset Publisher