Иницијативата на тркалезна маса имаше за цел да ја подигне дискусијата во јавниот дискурс за потребите и придобивките од религиското образование и да зборува за статусот на училишниот предмет „Етика во религијата“ во основното образование.
Во своето поздравно обраќање, Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, го изрази ставот на фондацијата за поддршката на религискиото образование да продолжи да се нуди како составен дел од наставната програма во земјата. Тој подвлече дека преку религиското образование не е важно само за да се осознаат вредностите и потеклото на сопствената религија, туку и да се развие разбирање и толеранција за вредностите и традициите на другите религии. Во овој контекст, сите религии имаат нешто важно да придонесат, а особено во Република Северна Македонија, каде толку многу различни религии се застапени на едно место, важно е да се добие впечаток за културната и верската различност преку религиското образование.
Реис ул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаху, поглавар на Исламската верска заедница ја истакна важноста сите религии во земјата да работат заедно за љубов и толеранција, без оглед на етничката, културната и религиозна припадност.
Митрополитот Јосиф од Тетовско-гостиварската епархија ги истакна придобивките од религиското образование за општеството и уште еднаш ја потврди постојаната поддршка на Македонската православна црква кон зајакнување на меѓурелигискиот дијалог во земјата.
Патер Винко Маслаќ, катедрален свештеник на Католичката црква во Скопје направи споредба на статусот на религиското образование во основните училишта во Хрватска со состојбата во Северна Македонија, нагласувајќи дека таков предмет дефинитивно треба да продолжи да биде дел од наставните програми.
Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, ја истакна важноста на меѓусебното почитување и заедничките морални вредности. Дури и да имаат различни пристапи, различните верски заедници се обединети со заедничка цел. Неопходно е да им се помогне на младите да го најдат вистинскиот пат, без разлика на нивната верска припадност. Заедно, преку меѓусебно разбирање и почитување, кои се учат во религиското образование, можно е да се изгради подобро општество и да се создаде подобра иднина.
Проф. д-р. Александар Спасеновски, поранешен пратеник и професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, истакна дека предметот религија се нуди стандардно во многу други европски земји и затоа таков предмет не треба да изостане од македонската наставна програма. Тој изрази жалење што „Етиката во религиите“ воопшто не се споменува во образовниот концепт подготвен во 2021 година. Проф. Спасеновски пред присутните парламентарци на тркалезната маса изрази три конкретни предлози. Тој ги повика пратениците прво целосно да ги искористат можностите предвидени со македонскиот Устав, второ да ги искористат своите контакти во Собранието и во Владата за да обезбедат зачувување на предметот во образовниот систем и трето да формираат група пратеници кои ќе се залагаат за верската слобода, во форма на надпартиски консензус земајќи ја предвид мултиконфесионалноста на земјата.
Професорот на Факултетот за исламски науки, проф. д-р. Хасан Џило, ја потенцираше уникатната предност што компонентата на етиката ја носи во религиското образование. Како што објаснува тој, етиката е универзален концепт, нешто што е заедничко за сите религии и на тој начин може да послужи како врзивно ткиво за промовирање на инклузивноста, а во исто време е и многу корисна за меѓуетничкиот и меѓурелигискиот дијалог. Проф. Џило ја истакна потребата да се создадат нови можности кои би биле инклузивни за сите без разлика на нивната верска припадност.
Проф. д-р. Анета Јовковска од Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ најпрво ја презентираше состојбата со религискиото образование во другите европски земји, а потоа истакна четири предности што може да се забележат кај учениците кои го изучуваат предметот „Етика во религиите“. Нејзиното истражување покажува дека учениците кои го следат предметот „Етика во религиите“ покажуваат поголем напредок во својот духовен развој, имаат поголем интерес за другите религии, постапуваат повеќе со цел изнаоѓање на решенија и покажуваат поголема солидарност во однесувањето во споредба со другите ученици.
Пратеничката Фиснике Бектеши Шаќири го истакна правото на децата во Северна Македонија на веронаука и слободата на вероисповед согласно член 18 од Универзалната декларација за човекови права. Понатаму, таа додаде дека поради бројните предизвици во денешно време, од големо значење е идните генерации целосно да ја развиваат својата личност, поради што е толку важно да се научат вредностите што се учат со религиското образование.
Пратеникот Никола Мицевски изрази жалење што новите реформи го исклучуваат религиското образование од наставната програма и воедно ја повика државата да не прави дискриминација во овој момент и да продолжи да го поддржува предметот „Етика во религиите“, бидејќи учениците треба да имаат можност да учат за различните религии и тоа може да придонесе и за подобрување на разбирањето на историјата.
Пратеникот Арбер Адеми потврди дека неговата партија е на располагање да го поддржи и промовира меѓурелигискиот дијалог во Северна Македонија, бидејќи тоа е нешто од кое сите граѓани можат да имаат придобивка. Тој го посочи и проблемот што дипломите на средните верски училишта во Северна Македонија сè уште не се официјално признати, со што на матурантите им се оневозможува пристап до пошироко високо образование. Тој предложи уште една средба со претставниците на верските заедници со цел да се најде заеднички консензус по ова прашање.
Пратеничката Иванка Василевска го сподели своето мислење за предизвиците со кои се соочува статусот на религиското образование во земјава, апелираше за итно решение и подигнување на свеста за неопходноста, важноста и улогата на религијата и етичките принципи во образовниот процес.
На тркалезната маса присуство земаа г-ѓа Маја Бичиклиска, државен советник и г-ѓа Маја Вукиќевиќ, посебен советник во Министерството за образование и наука, кои воедно информираа за случувања во изминатиот период со предметот Етика во религиите и укажаа за нивната подготвеност за соработка со цел изнаоѓање решение во врска со статусот на предметот.
Настанот беше модериран од страна на сестра Ефимија Зајковска, ко-основач и координатор на Асоцијацијата на професори по Eтика во религиите.
Во рамки на овој настан беше промовирана Анализата „Втора деценија со предметот Етика во религиите“. Ги повикуваме сите заинтересирани да пристапат до електронската верзија на Анализата на следниот линк.