Einzeltitel

Локална самоуправа

Универзитетски учебник

Учебникот „Локална самоуправа“ е колективен труд на група професори кои припаѓаат на пет различни генерации академски кадар од катедрата по Уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Во содржинска смисла учебникот ги анализира сите важни прашања што се однесуваат на локалната самоуправа, почнувајќи од првите никулци на локалниот живот и организацијата на првите човекови заедници објаснети низ призмата на градовите-држави-полиси, преку средновековните локални заедници и градови до модерните локални принципи и стандарди за квалитетно локално организирање на граѓаните.

Во учебникот посебен осврт и анализа се дадени на сите поимни карактеристики на локалната самоуправа, историскиот развој на локалната самоуправа, односот и разликите меѓу локалната самоуправа-децентрализацијата-деконцентрацијата, теориите на локалната самоуправа, типологијата, моделите и нивоата на организирање на локалните органи, локалната самоуправа во голем број европски земји.

Посебно се разработени европските стандарди и вредности на локалната самоуправа во правото на Советот на Европа, во правото на ЕУ, националните искуства и правни решенија во контекст на европските правила и принципи.

Значаен дел од учебникот е посветен на историската еволуција на македонската локална самоуправа, како во претходниот социјалистички систем, така и денес, како современа демократска самоуправа.

Анализирани се сите уставни и законски решенија од 1946 година, па сè до осамостојувањето на земјата, како и македонскиот Устав од 1991 година, вклучително и сите закони за локалната самоуправа, територијалната организација на земјата, финансирањето на единиците на локалната самоуправа, администрацијата, вработените во јавниот сектор, Изборниот законик итн. од значење за објаснување на сите елементи на моделот на македонската локална самоуправа. Преку анализата на законските решенија читателот добива детални информации за начинот на функционирањето на локалната администрација во земјата, односот на локалната самоуправа кон централната власт, проблемите со децентрализацијата, облиците на непосредното и посредното остварување на демократијата во локалните средини, финансирањето на општините, посебниот статус на главниот град Скопје и многу други прашања.

Согледани и анализирани се сите поважни предизвици низ кои помина македонската локална самоуправа како од правна, така и од политичка гледна точка, тешкотиите во процесот на децентрализацијата, проблемите со префрлувањето на надлежностите од различни области од централно на локално ниво и слично.

На почеток

Контакти

Davor Pasoski

програмски менаџер

Davor.Pasoski@kas.de +389 2 3217 075