Asset Publisher

Einzeltitel

III. Македонско-германски форум: Собранието треба да има клучна улога во преговорите со ЕУ

Не добивањето на датум за преговори со Европската Унија е разочарување и за граѓаните на Северна Македонија и за многумина во Европа, но тоа не треба да ја обесхрабри државата туку напротив треба да ја поттикне да продолжи со реформите и со тоа да ги разубеди оние кои што се скептични. Во преговарачкиот процес клучна улога треба да има Собранието кое треба да има контрола над процесот. Ова беше заклучокот на III Македонско-германски форум: „Перспективите за проширување по Европскиот совет? Улогата на Собранието во пристапниот процес на Северна Македонија и релациите со Европскиот парламент" кој се одржа на 01 ноември 2019 во Хотел Хилтон во Скопје.

Asset Publisher

Настанот, кој беше организиран од Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), го отворија заменик претседателот на Собранието, Горан Мисовски и Дорис Пак, Претседател на Асоцијацијата на жени во Европската народна партија и поранешен пратеник во Европскиот парламент.

Мисовски потенцираше дека за Северна Македонија нема друга алтернатива освен интеграција во европското семејство каде што и вистински припаѓа и истакна дека Собранието игра значајна улога во пристапувањето кон ЕУ.

„Од самитот во Брисел добивме разочарувачки вести но нема да дозволиме да не надвладее песимизмот. Ги исполнивме сите услови, граѓаните очекуваа датум за почнување на преговори. Улогата на Собранието е значителна во преговорите. Во Собранието основани се постојани работни тела како Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции кои имаат за цел градење општествен консензус за ова прашање. Динамиката на усвојување закони се менувала, но секогаш е во насока на реализирање на нашите државни интереси а тоа е интеграцијата во ЕУ и НАТО“, рече Мисовски и додаде дека Собранието има богат дијалог и соработка со Европскиот парламент.

Пак истакна дека шокот од Брисел можеби е и повик за будење на политичарите во Северна Македонија уште повеќе да делуваат, да ги увидат и решат вистинските потреби на граѓаните.

„Неуспехот за добивање датум за преговори се должи на принципот на едногласност во ЕУ. Загрижено следев како тоа влијаеше кај вас во вашата држава и како може да влијае во следниот период. Не-то од Брисел сигурно не е последниот збор. ЕУ воопшто не смее да си дозволи да остави поле за игра на туѓи моќници. Јасно е дека мора да се отпочнат преговорите, но истовремено треба да се овозможи и потесна соработка. Се работи за интеграција на европска држава која што е среде Европа. Некои водечки личности во ЕУ не сфатија дека и за нас е од голема важност вие да станете дел од Унијата“, потенцираше Пак.

Во таа насока, претставникот на КАС во Северна Македонија Јоханес Д. Раи образложи дека ЕУ се наоѓа во многу длабока криза и дека актуелната европска политика се соочува со големи предизвици бидејќи се појавува национализам и популизам кои се повеќе се шират.

„Не-то што го добивте од Франција не не усреќи. Вредно работевме тука во Скопје со сите партии да се добие датум за преговори. Но, ова воопшто не може да ме фрустрира, бидејќи кризата е продуктивна состојба. Мора само да ги научиме вистинските лекции, да ги извлечеме вистинските заклучоци. Веродостојноста на ЕУ на Балканот поднесе голем удар, многу граѓани со право се многу разочарани. Но сепак треба да имаме доза на оптимизам и да продолжиме со реформите и во Северна Македонија и во ЕУ“, потенцираше Раи.

Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Томас Герберих причината за не добивање на датум за преговори ја гледа во силната скептичност за проширување кај граѓаните во ЕУ што ги приморува лидерите на некои држави да размислуваат поинаку.

„Мора да го одржиме нашето ветување за заедничка реализација на европската перспектива на државите од Балканот за да се поттикнат реформи и правна држава со цел поголема благосостојба и безбедност на граѓаните. Убедени сме дека се исплати на Северна Македонија да и се даде европска перспектива. Германија и понатаму ќе ја поддржува Северна Македонија во нејзиниот европски пат. Се надеваме дека државата ќе ги интензивира своите реформи и со тоа ќе ги убеди сите останати дека заслужува отпочнување на преговори со ЕУ“, вели Герберих.

Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС, смета дека постоечката преговарачка структура има механизми кои може да ги адресираат грижите на некои земји членки околу реверзибилност на процесот, но отсуствува политичка волја истите да бидат активирани.

„Постоечката методологија може да се надополни, со цел да се добие на политичка тежина и експертиза со Квинтет (европска петорка) составена од претставници на Венецијанската комисија, Европскиот парламент, Европската комисија, Европскиот суд и Ротирачкото претседателство со советот на ЕУ, кои би ги надгледувале реформите. Потребна е афирмација и зајакнување на улогата на Собранието како клучна институција за надзор и контрола на процесот на преговори. Владата нема монопол над процесот на преговори, опозицијата мора да биде информирана и вклучена. Зад преговарачките процеси мора да стои државата, а не извршната власт“, рече Трошановски.

Зоран Нечев, Раководител на Центарот за ЕУ интеграции при ИДСЦС ја презентираше анализата „Парламентарната димензија на процесот на пристапување на Северна Mакедонија кон Европската Унија”.

Внатрешни реформи во услови на неизвесност од проширувањето беше темата на последната дискусија каде свое видување дадоа Бујар Османи, Заменик претседател на Влада на Република Северна Македонија за европски прашања, Никола Попоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и Артан Груби, Претседател на Комисијата за европски прашања и пратеник од ДУИ.

На почеток

Asset Publisher

comment-portlet

Asset Publisher

Asset Publisher