Asset Publisher

Einzeltitel

Младите новинари како шанса за нова ера на медиуми со интегритет и влијание

Во последната деценија, но особено во последните три години, многу од клучните стратегии на донаторските програми за поддршка го ставија младинското новинарство високо на листата на приоритети. Преку сè подостапните и поприсутни тренинзи од страна на медиумските организации, младински програми во локалните редакции и преку училишните весници, поткасти и други дигитални платформи, денес во развиените земји во светот младите се вклучени во продукција на квалитетно новинарство на начин кој станува сè повидлив и се проценува за витален за опстанокот на заедниците. Младинското новинарство е решението за проблемите и платформа за идеите кои ќе ги трансформираат заедниците, градовите, државите, светот во нивното време и во иднина.

Asset Publisher

Новинарите и медиумите уште повеќе треба да инсистираат на соработка со образовните институции и младите од заедниците, затоа што од тоа потенцијална придобивка  би имало целото општество. Не само што постои потреба да се поддржат младите новинари во заедниците да известуваат за приказните и проблемите кои ги мачат нив, туку ова е и огромна можност на младите да им се дадат задачи да работат теми кои ќе промовираат дијалог и свесност меѓу различностите на глобално ниво. Денешните млади како ниту една генерација досега ја имаат можноста да ги дискутираат своите продукти и да имаат интеракција и вредносен суд и размена на идеи со своите врсници во светот. Да се користат младите во продукцијата на новинарски продукти е едно, но најголемата можност за поттикнување промени преку новинарството денес лежи во глобалната поврзаност: да се подготви следната генерација  граѓани на светот кои ќе имаат вештини, разбирање и храброст да ги решат глобалните проблеми на денешницата во нивното време.

Позитивната страна од новинарската професија во општ контекст е токму ова – слободата и отвореноста кон секој кој има желба и шанса да се обиде да биде новинар, како и можноста да се влијае за подобро општество и поквалитетен живот за граѓаните е еден од мотивите за почеток на новинарска кариера.

За потребите на оваа публикација беше разговарано со професори и вработени од трите државни универзитети во кои има оддели за новинарство и тоа во Скопје, Штип и Тетово, а освен тоа се анализира и спроведен прашалник од полуотворен тип со осум прашања на кои во текот на  март 2021 година дадоа  одговори  26 млади новинари.

Во последните петнаесетина години низ тренинг програмите на БИРН поминале стотици новинари од регионот, многумина од нив сега уредници и новинари во водечки медиуми, телевизии, портали, во чии биографии се содржани престижни награди и признанија. Балканската стипендија за новинарска извонредност, програма со која  од 2007 година годишно десет новинари од регионот работат на длабински анализи и истражувања вклучува детален почетен еднонеделен тренинг, најчесто одржуван во Берлин и Виена. Пред пандемијата со коронавирусот ова било значителна финансиска и уредничка поддршка за работа на една сторија во период од неколку месеци. Многумина кои биле дел од оваа програма велат дека е тешко да изберат само еден сегмент што би го издвоиле како најдобар. Шансите за патување, запознавањето, дружењето, разменувањето искуства со колеги од регионот, но и посета на редакции во други земји, контакти со различни новинари, но и создавање  мрежа на контакти во регионот и Европа и долгогодишни пријателства. За општествата, во кои генерално има малку интерес и уште помалку познавања што се случува преку границите на земјата, овој тип на програми нудат совршена можност за надградување.

Од особена важност е младите новинари да се учат на таканаречната стара школа за етика и стандарди, а формалните и неформалните образовни организации да им овозможат на младите луѓе приказните кои  ќе ги комуницираат со светот да имаат интегритет, ефективност и сеопфатно покривање. Само соодветно тренирани и високомотивирани новинари можат да ја вршат улогата на чувари на вистината и да бидат вистински очи на граѓаните во време кога повеќето граѓани се апатични.

Во Северна Македонија младите уредници и новинари кои  во минатата деценија работеа со Organized Crime and Corruption Reporting Project - OCCRP со фокус на стекнување   аналитички и критички вештини за откривање криминал и корупција, денес во мала редакција во Скопје, без формални тренинг програми, туку исклучиво преку практична работа и поттикнување на храброто новинарство, тренираат нова генерација медиумски работници кои треба да дадат придонес во светската борба против корупцијата и криминалот како најголеми закани за демократијата. Нивното искуство во оваа публикација е презентирано како уникатен концепт кој ги обединува искуствата на младите уредници  и истражувачки новинари кои биле тренирани и работеле регионално и меѓународно на теми на кои работеле и нивните врсници во Европа и светот. Денес  преку локалниот центар на Истражувачката репортерска лабораторија се тренираат нови млади сили во почетните стадиуми на нивните кариери, со стремеж да се креираат глобално компетитивни критички умови кои ќе ја разберат моќта на медиумите и ќе ги сетираат идните стандарди рамо до рамо со своите врсници во светот.

Како еден од заклучоците на кои нè упатува оваа публикација е тоа дека улогата на младите новинари во медиумска индустрија е од особено значење и затоа е потребно   медиумите да имаат механизми за привлекување, но и мотивирање за работа на младите кадри. Едукацијата на работното место, но и можноста медиумите да им овозможат на дел од младите новинари да земат учество на надворешни обуки организирани од страна на разни граѓански и еснафски организации е од особена важност за професионалниот развој на младите медиумски работници.

Во услови кога професијата новинарство се соочува со дефицит на млади кадри е потребно менаџментот да размислува како да ги поттикнува професионалните млади новинари да продолжат да бидат активни во своите медиуми. Високообразовните институции, пак, во државата е потребно  да ги следат модерните трендови во професијата и на тој начин да имаат атрактивни курикулуми кои повторно ќе привлекуваат нови студенти по новинарство. Ова ќе придонесе младите критични новинари да продолжат да бидат професионални, затоа што такви се потребни за промовирањето и заштитата на јавниот интерес.

На почеток

Asset Publisher

Контакти

Daniel Braun

Daniel Braun

Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово

daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакти

Davor Pasoski

Ansprechpartner Mazedonien

Програмски менаџер

davor.pasoski@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher

Asset Publisher