Истражувањето има за цел да ги идентификува обрасците на соработка, областите на усогласување или тензии во однос на европските и трансатлантските рамки, како и стратешките фактори што ги обликуваат националните и регионалните одговори.
Четирите глобални иницијативи на Кина се појавуваат во Југоисточна Европа во период на глобални превирања, истовремени кризи и конфликти во Европа и пошироко, како и дилеми поврзани со перспективата за интеграција на регионот во ЕУ. Нивното влијание врз фундаменталните стратешки определби на регионот останува ограничено; нивната повидлива улога се забележува во јавниот и политичкиот дискурс, каде што на одредени актери им нудат алтернативен вокабулар.
Врз основа на анализа на медиумите и јавниот дискурс, како и на податоци добиени преку анкета со експерти, оваа студија ја мапира перцепцијата и прифаќањето на четирите глобални иницијативи (4GI) во девет земји од Југоисточна Европа преку четири аналитички димензии: официјалното прифаќање од страна на државните актери, медиумската видливост и застапеност, ставовите и перцепциите на експертската заедница во однос на секоја од иницијативите, како и контекстуалните фактори и структурните услови што овозможуваат или ограничуваат подлабок ангажман.
Студијата укажува дека четирите глобални иницијативи треба да се разберат како нова нормативна рамка во развој, која навлегува во регионалниот контекст на Југоисточна Европа, обележан со веќе постојни политички и институционални празнини, тензии или неисполнети барања. Дел од нив можат да создадат услови за селективно прифаќање на кинеските иницијативи.
Значењето на четирите глобални иницијативи за Југоисточна Европа, во крајна линија, се состои во нивниот потенцијал да создадат вокабулар што постепено се развива, кој потекнува од кинеските иницијативи, но останува отворен за селективно приспособување и реинтерпретација од страна на локалните актери кои настојуваат да ги остварат сопствените политички, економски или дипломатски цели. Сепак, тоа не подразбира промена на стратешките определби и сојузништва на земјите од регионот.
Автори на публикацијата се д-р Ана Крстиновска и Златко Симоновски од тинк-тенкот ЕСТИМА, д-р Анастас Вангели од Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и д-р Константинос Симонис од Универзитетот Пантеион во Атина.