Asset Publisher

Einzeltitel

Применета политика

Универзитетски учебник

Учебникот „Применета политика“ претставува колективен труд и е резултат на одлична академска соработка на група професори при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кои преку него сакаат да го поттикнат интересот и знаењата на читателите во областа на применетата политика.

Asset Publisher

Креирањето политики претставува сложен процес, кој често пати зависи од политичкиот систем во кој е креиран, а исходот на една политика во одреден политички систем не значи дека ќе биде идентичен со исходот на иста таква политика во друг политички систем. Затоа, анализата на креирање политики вообичаено се фокусира на единечни фази на целокупниот процес на креирање политики. Од претходно наведеното можеме да констатираме дека можноста за влијание врз агендата, заедно со дефинирање на природата на социјалниот проблем е круцијален извор на моќ, давајќи им предност на  институциите кои го решаваат проблемот, односно предлагаат решение за него. Дополнително, евидентно е присуството на групи на актери (политичари, бирократија, масовни медиуми, интересовни групи, меѓународни организации итн.) кои се натпреваруваат едни со други со цел да издејствуваат поставување  агенда која би била во согласност со нивните преференции.

Во однос на формулацијата на политиката, главен примат во повеќето политички системи има извршната власт, односно бирократијата, додека, пак, со усвојувањето на политиката доаѓаат до израз извршно-законодавните односи. Покажавме дека преку фрагментацијата на моќта може драстично да се влијае врз усвојување на политиката, која  може да се постигне само преку преговори и потрага по компромис. Доколку политичкиот систем покажува концентрација на моќ, усвојувањето на политиката е помалку предизвикувачко.

Откако владата ќе донесе одлука во циклусот на применетата политика, на  сила стапуваат прописите од истата политика со цел да се дојде до посакуваната промена наменета од страна на креаторите. Може да кажеме дека на прв поглед фазата на спроведување на политиката се чини дека е автоматско продолжување на процесот на донесување  одлуки, но често пати во практиката може да постои значителен јаз помеѓу усвојувањето на новото законодавство и неговата имплементација.

Можеме да констатираме дека анализата на применетите политики се развива како една од најперспективните гранки на политичките науки. И покрај забележителниот напредок во емпириска и теоретска смисла, сепак, постојат предизвици. Оваа научна гранка е речиси невозможно да напредува само со обелоденување  нови емпириски истражувања на национално или меѓународно ниво. Потребен е пристап кон нови, добро утврдени клучни концепти. Ова вклучува преиспитување на класичните типологии и таксономии, развој на поинтегрирани теоретски модели, комбинација на различни истражувачки методологии, како и систематско поврзување на применетите мерки, односно акции (policy outputs), резултатите од политиките (policy outcomes) и влијанијата од политиките (policy impacts).

Учебникот „Применета политика“ претставува колективен труд и е резултат на одлична академска соработка на група професори при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кои  преку него сакаат да го поттикнат интересот и знаењата на читателите во областа на применетата политика.

Применетата политика е од исклучително значење за развојот на едно општество, особено за државите кои се во постојан процес на демократизација и усвојување на европските стандарди. Со проучување на применетата политика се доаѓа до резултати кои можат да бидат вклучени во активностите на академскиот кадар, студентите, администрацијата, но и пошироката јавност, во функција на анализа на општествено-политичкиот систем, како и реформските процеси во државата воопшто.

Анализата на различните концепти на примената политика, теориските и практични аспекти, како и нејзината имплементација можат да бидат корисни за ентитетите вклучени во процесот на формулирање и спроведување на политиките, вклучително и носителите на одлуки во државните институции, административните структури, политичките партии, граѓанскиот сектор итн.

Државите кои сè уште поминуваат низ процесот на стабилизација на своите  политички системи, дефинирање на правците на иден развој, како и структуирање на различните општествени сегменти, посветуваат должно внимание на процесот на поставување на приоритетите, определување на носителите на имплементација на политиките, како и на оцената на резултатите од нивното спроведување. Оттаму, проучувањето на сите овие аспекти е нужно за развојниот пат на општеството и државата, а овој универзитетски учебник има за цел да го даде својот придонес кон остварување на оваа цел.

Посветено е внимание на дефиницијата и природата на применетата политика, нејзините елементи, типологии и димензии, како и различните модели на креирање на политиките. Начинот на креирање и формулирање на политиките, нивните официјални и неофицијални креатори, и различните нивоа во овој процес, исто така, се предмет на анализа. Се разгледува и усвојувањето на политиките, анализата и евалуацијата на политиките, а посебен дел е посветен на имплементацијата на политиките.

Опфаќајќи ги сите овие димензии, учебникот ги доближува основните знаења од оваа област до читателите, овозможувајќи им да ја создадат основата за натамошно проучување и спроведување на истражувања на применетите политики.

Студентите добиваат можност за систематизирана претстава на применетата политика, а на пошироката јавност ѝ се дава можност да се запознае со концептите кои влијаат врз севкупниот општествен живот. Овој придонес кон истражувањата во областа на политичките науки дава дополнителна вредност на литературата во оваа област, и претставува основа за натамошни проучувања на применетите политики и нивна надградба во иднина.

На почеток

Asset Publisher

Контакти

Daniel Braun

Daniel Braun

Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово

daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакти

Davor Pasoski

Ansprechpartner Mazedonien

Програмски менаџер

davor.pasoski@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher

Asset Publisher