Основната намера да се напише ова дело произлезе, пред сė, од потребите на студентите што студираат на политичките студии, на студиите по новинарство, како и на
студиите по односи со јавноста, организирани како студии од прв циклус, а, секако и на студентите од постдипломските мастер студии на насоката Уставно право и мастер студиите по Политички науки. Освен тоа, овој учебник кореспондира и со наставните програми и на останатите факултети во Република Македонија за правни науки, за новинарство,
за јавна администрација, за односи со јавноста, како и за останатите сродни академски области. Секако, со оглед на целите на секој високошколски учебник, веруваме дека
ова дело ќе им биде корисно и на сите практичари надвор од универзитетите кои се занимаваат или се интересираат за проблематиката поврзана со уставното право и со политичкиот систем.
Учебникот „Современи политички системи“ е составенод предговор и два дела. Првиот дел од учебникот е воведен и теоретски и во него е изложена детална анализа за природата на оваа научна дисциплина посебно во делот на општите поими и категории како дел од политичкиот систем, на пример, што е политика, што е политичка власт, што се политички процеси, кои се елементите на политичката власт, каде се остварува политичката власт, што е систем на организација на власта, кои се елементите на законодавната, на извршната и на судската власт и.т.н. Понатаму, на темелот на изнесеното, дадена е и експликација на различните класификации на системите на организацијата на државната власт, видовите и подвидовите на системите, карактеристиките на институциите кои функционираат во политичките системи (парламент, претседател, влада, судство, н.з.) видот на нивните надлежности, правата и обврските на политичките институции, односите меѓу институциите, прашањето на политичката одговорност и слично. Вториот дел од учебникот е апликативен и во него е даден детален осврт на уставниот и политичкиот систем на Обединетото кралство, како држава-монархија во која најдоследно е имплементиран парламентарниот систем на организацијата на власта, потоа на Соединетите американски држави, како земја во која најдоследно е имплементиран претседателскиот систем на организацијата на власта, на Швајцарската конфедерација, како земја во која се најизразени елементите на собранискиот (директоријалниот) систем на организацијата на власта, како и на Сојузна Република Германија, како сложена, федеративна држава, во која егзистира рационализираниот парламентаризам како вид мешовит систем на организацијата на државната власт. Исто така, посебно внимание во учебникот добива и политичкиот систем на ЕУ, како посебен вид политички систем. Воведно-теоретските сознанија за системите заедно со апликативните елементи на конкретното функционирање на политичките институции во секоја од наведените држави нудат детална претстава за(не)ефикасноста,(не)успешноста, и резултатите што одделните модели на организацијата на државната власт ги имаат во пракса. Анализата на конкретните позитивни и негативни елементи од начинот на кој функционираат политичките институции во одделните политички системи ја заокружуваат целината на оваа научна дисциплина.
При пишувањето на учебникот „Современи политички системи“ е консултирана соодветна стручна и научна литература во која влегуваат и понови сознанија на референтни автори и научни авторитети. Секако, со оглед на фактот дека станува збор за тема која е предмет на уставно и законско регулирање на државите, консултирани се и поголем број уставни и законски текстови на државите чии уставни и политички системи се предмет на интерес. Авторите искрено веруваат дека со овој учебник дополнително ќе се разјасни и натамошно ќе се доближи оваа сложена и повеќеслојна проблематика до сите заинтересирани личности. Секако, наспроти систематичноста во пристапот и соодветната исцрпност во објаснувањата за секоја од темите, останува констатацијата дека овој сложен и бескраен простор и во иднина ќе се истражува, при што дополнително ќе се збогатува и облагородува овој труд во изданијата што ќе следуваат.