Asset Publisher

Reuters

Länderberichte

Предвремени избори во Северна Македонија

von Norbert Beckmann-Dierkes, Davor Pasoski, Sandra Koljackova

Сестринската партија на Европската народна партија, ВМРО-ДПМНЕ, со пораз по тесна трка, коалицијата предводена од СДСМ прогласи победа

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во една многу неизвесна и тесна трка, за прв пат по 18 години прогласи победа на парламентарни избори. Според сè уште неофицијалните резултати објавени од страна на Државната изборна комисија (ДИК), СДСМ и коалицијата „Можеме“ освои 35,89 % од гласовите, односно 46 пратенички мандати, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ освои 34,57 % од гласовите, односно 44 пратенички мандати.

Asset Publisher

Тесен резултат

 

Деветтите по ред парламентарни избори од независноста на Република Северна Македонија, а петти по ред предвремени избори, се одржаа на 15 јули 2020 година. Изборите првично беа закажани за 12 април, но потоа беа одложени на 15 јули, како резултат на ситуацијата предизвикана од коронавирусот (Ковид-19). 15 политички партии и коалиции доставија кандидатски листи за избор на пратеници во македонското Собрание. На овие парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ беше предводник на коалицијата „Обнова на Македонија“, а СДСМ ја предводеше коалицијата „Можеме“ во која е вклучена и политичката партија Движење Беса, што претставува прва предизборна коалиција помеѓу политички партии од македонскиот и албанскиот блок.

 

Овие парламентарни избори се карактеризираат со рекордно ниска излезност од околу 51 %, која секако се должи на воздржаноста на граѓаните да излезат да гласаат поради стравот од пандемијата со Ковид-19, но и секако поради генералната разочараност на граѓаните од политичките партии, поради негативната кампања која особено преовладуваше во вториот дел од кампањата и, за жал, поради недостигот  на капацитет кај политичките партии да се фокусираат на нудење реални политики и решенија на проблемите на граѓаните, при тоа ставајќи го фокусот на кампањата на дневно политички теми и препукувања.

 

Според сè уште неофицијалните податоци објавени од страна на ДИК, СДСМ и коалицијата „Можеме“ освоија 46 пратеници, односно 35,89 % од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ 44 пратеници, односно 34,57 %, ДУИ освои 15 пратенички мандати, односно 11,48 % од гласовите, Алијанса на Албанците и Алтернатива освоија 8,95 % од гласовите, односно 12 пратеници, Левица освои 2 пратенички мандати, односно 4,1 % од гласовите и ДПА освои 1 пратеник,  односно 1,53 % од гласовите.

 

Големите партии со загуби

 

Намалениот број на освоени пратеници на ВМРО-ДПМНЕ од 51 на изборите во 2016 година на 46 пратеници на овие избори се должи, од една страна, на ниската излезност, но, од друга страна, и на голем број  гласови што се одлеаја кај малите десничарски партии, но и кај Левица која освои 2 пратенички мандати. Левица иако има изразено левичарска идеологија и се залага за левичарски вредности, сепак, на овие избори настапи со промовирање на крајно десничарски ставови како нивното залагање за поништување на Преспанскиот договор и оспорувањето на Законот за двојазичност.  Резултатите од овие избори покажаа и дека неопределените гласачи не препознаа во ВМРО-ДПМНЕ нов концепт и алтернатива на владејачката партија, со што  беа демотивирани да излезат и да гласаат за нивната опција.

 

Од друга страна, пак, СДСМ и покрај предизборното коалицирање со БЕСА, во однос на минатите избори, исто така, доби помалку мандати и наместо 49 пратеници во 2016 на овие избори освои 46 пратенички места. Со што гласачите ја испратија пораката дека не се задоволни од тригодишното владеење на Зоран Заев и неговата партија. Владата предводена од Заев и СДСМ беше потресена од големи коруптивни скандали, пред сè, со случајот „Рекет“ во кој поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство – симболот на правдата и борбата против корупцијата и криминалот – беше осудена поради злоупотреба на службена должност. Во контекст на овој случај имаше индиции и за вмешаност на високораководни лица од СДСМ, при што Фросина Ременски, поранешен пратеник од СДСМ и потпретседател на Собранието е обвинета во случај кој опфаќа обвиненија за измама и перење пари. Прашањето кое сега се поставува е дали навистина СДСМ со истите кадри кои беа на чело на институциите и дел од нив вмешани во бројни афери ќе може да направи нешто повеќе и подобро, особено во делот на владеење на правото, борбата против корупцијата и партизацијата.

 

ДУИ ќе одлучува

 

Всушност, вистински победник на овие избори на изненадување на многумина е ДУИ. Како најголема политичка партија во албанскиот политички блок направи одличен ПР потег со својата кампања за прв премиер Албанец на Северна Македонија. Со тоа ДУИ однесе уште една убедлива победа кај албанскиот електорат во земјата, иако во јавноста честопати се шпекулираше дека албанските гласачи се незадоволни од долгогодишното владеење на оваа партија и постоеја очекувања дека можеби таа после овие избори ќе оди во опозиција. За време на кампањата Заев често пати во своите говори потенцираше дека после овие избори ДУИ ќе оди во опозиција, но се случи сосема спротивното. Овие изборни резултати на ДУИ со 15 освоени пратенички места наместо 10 пратеници во 2016 година, можеби нема да ѝ донесат премиер, но, секако, ѝ носат голема предност во преговорите за идната Влада.

 

Голем успех на парламентарните избори 2020 година има и коалицијата на партиите Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои за прв пат настапија во предизборна коалиција, освојувајќи дури 12 пратенички места.

 

Како понатаму

 

Парламентарните избори поминаа во генерално мирна, фер и демократска атмосфера со помали неправилности кои ќе немаат големо влијание во конечните резултати. Сепак, црна дамка на изборниот процес остави падот на системот на ДИК, со што се изостави транспарентно, брзо и кредибилно информирање на јавноста во однос на податоците за резултатите и излезноста од гласањето за предвремените парламентарни избори.

 

Во согласност со Уставот, а по прогласување на конечните резултати, претседателот на државата, Стево Пендаровски ќе го предаде мандатот за формирање на идната влада на победникот на овие избори, односно на лидерот на СДСМ. Иако резултатите се тесни и ВМРО-ДПМНЕ најави дека влегува во трка за составување на мнозинство за формирање влада, мала е веројатноста дека тоа ќе се случи. Она што можеби може да го очекуваме во наредниот период е сериозна и детална анализа на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, барање на пропустите и заложби во иднина партијата да ги коригира своите грешки.

 

Новата влада ќе биде најверојатно формирана од СДСМ и нивната коалиција, ДУИ и евентуално ДПА со што ќе се обезбеди мнозинство од 62 пратеници од вкупно 120 места во Собранието. Идната влада ќе се соочи со многу предизвици, пред сè, во борбата со пандемијата од корнавирусот, која ќе потроши многу енергија и рецесијата предизвикана од вирусот. Секако, највисоко на агендата ќе бидат преговорите за членство во ЕУ кои се очекува да започнат до крајот на оваа година за време на претседателството на Германија со Советот на ЕУ. Со започнување на процесот на преговори државата ќе мора конечно да започне со сериозни реформи во многу сегменти, како владеење на правото, борба против корупцијата, реформите на јавната администрација, кои се основен предуслов за остварувањето на крајната цел – полноправно членство во ЕУ, кое Зоран Заев во предизборната кампања го вети пред граѓаните дека ќе се случи во рок од 6 години. Но, од сето ова најголемите очекувања на граѓаните од новата влада се коректно, добро и чесно владеење, кое, секако, само по себе ќе донесе позитивни резултати во сите сегменти од општеството. 

 

На почеток

Asset Publisher

Контакти

Norbert Beckmann-Dierkes

Norbert Beckmann-Dierkes bild

Leiter der Auslandsbüros Bulgarien Kommissarischer Leiter des Auslandsbüros Albanien

norbert.beckmann@kas.de +359 2 943-4388 | +359 2 943-4390 +359 2 943-3459

comment-portlet

Asset Publisher

Asset Publisher