Најавата за измена на Законот на медуми во кој се предвидува регистар за онлајн медиуми, потребата од измена на Законот за авторски и други сродни права со цел поголема заштита на новинарските авторски трудови како и изнаоѓање на системски решенија како да се создадат системски гаранции против т.ц. СЛАПП тужби против медиумските работници беа дел од темите на тродневната работилница.
На отворањето на настанот се обратија Даниел Браун, Официјалниот претставник на КАС, Георге Димакос, Проектен офицер од Центар за европски студии Вилфред Мартенс и Билјана Настеска – Каланоска, Офицер за комуникации од ЗНМ. Во рамки на отворањето свое согледување за медиумите и медиумската регулатива во Југоисточна Европа даде Кристоф Плате, Директор на медиумската програма на КАС за Југоисточна Европа.
На настанот покрај новинари и медиумски експерти учество земаа и Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, Државниот секретар на Министерството за правда, Дајанчо Ефтимов и претставници на медиумскиот регулатор.
Во рамки на работилницата се разговараше и за предизвиците кои произлегуваат од брзиот технолошки развој, зголемената дигитализација на медиумите и честите законски измени кои не секогаш соодветствуваат на најдобрите европски практики и стандарди за заштита на новинарите и медиумските работници.
Медиумските реформи во државата треба да се насочени кон зголемување на транспарентноста, заштита на новинарите и усогласување со европските стандарди. За да се обезбеди независен и плуралистички медиумски сектор, неопходна е соработка меѓу државните институции, новинарските и медиумските организации и граѓанскиот сектор.
Клучните измени во однос на измените на Законот за медиуми, кој е во крајна фаза на подготовка, се однесуваат на потребата од усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите (ЕМФА) и Актот за дигитални услуги. Еден од најголемите предизвици е немањето на волонтерски регистар на онлајн медиуми во рамки на медиумскиот регулатор, како и зголеменото влијание на агрегаторите на вести. Министерството за дигитална трансформација и регулаторот предлагаат модел на доброволна регистрација на онлајн медиуми, а АВМУ со подзаконски акт предвидува и посебен регистар за креатори на содржини (инфлуенсери, блогери, јутјубери). Целта е да се зголеми транспарентноста и професионализмот, но кај медиумската заедница останува дилемата за селективна примена во делот на регистарот за онлајн медиуми како и можност за дискриминирање на одредени медиуми кои што не го исполнуваат условот од минимум тројца вработени со полно работно време.
Регистрацијата е особено важна за онлајн медиуми кои функционираат како граѓански организации и овој тип на медиуми потребно е да се препознаени во измените од Законот за медиуми. Дел од новинарите сметаат дека овие медиуми треба да бидат вклучени во регистарот на професионалните медиуми, и нивното работење треба да биде прецизно дефинирано во законодавството со цел да нема селективна примена на законот во овој дел. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во своето излагање истакна дека предлогот за измени на овој закон е во финална фаза и набрзо ќе влезе во постапка во Собранието.
Се забележува зголемување на стратешките тужби против јавното учество (SLAPP), кои се користат како инструмент за замолчување на критичките медиуми и истражувачките новинари. На оваа тема државниот секретар на Министерството за правда, Дајанчо Ефтимов рече дека министерството ќе продолжи да се фокусира на подобрување на состојбите во оваа сфера со цел да се овозможи професионално и достоинствено извршување на новинарската професија.
Овие тужби, поднесени од моќни индивидуи или корпорации, имаат за цел да ги обесхрабрат новинарите и медиумските организации преку долги и скапи судски процеси. Недостатокот на соодветен правен механизам за заштита од ваквите случаи значи дека медиумските професионалци честопати се оставени на милост и немилост на правниот систем, без доволна поддршка и заштита. Во 2024 година беше донесена т.н. Анти СЛАПП директива од страна на Европскиот парламент како и Препораки од Советот на Европа кои служат да ги насочат државите членки да креираат анти СЛАПП законодавство со измени пред се на процесните закони во граѓанското и кривичното право.
Дополнителен предизвик во медиумскиот сектор претставува и заштитата на авторските права на медиумските работници особено во делот на препознавање на авторските новинарски текстови како авторски дела. Со оглед на тоа што дигиталната ера носи нови форми на користење и споделување на содржините, постојат потреби за правни реформи кои ќе обезбедат фер компензација за авторите и новинарите чии дела се користат во различни платформи. Во оваа насока, неопходно е усогласување на националното законодавство со европските директиви кои предвидуваат поголема заштита на авторските права и регулирање на односите меѓу медиумските работници, редакциите и дигиталните платформи посебно земајќи во предвид дека овој закон е од 2012 година, а во меѓувреме има измени од директивите на Европскиот парламент кои е потребно да се земат во предвид.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во своето излагање рече дека во време на брзо напредување на технологијата, заштитата на авторските права е под закана. Дигиталната револуција носи закана посебно на авторските права на новинарите, фоторепортерите и сите медиумски работници. Љутков истотака истакна дека во министерството за култура се работи на реформи кои ги усогласат домашните прописи со европските стандарди и ќе создадат одржлив модел за финансирање и заштита на медиумските автори.
Еден од предложените механизми за решавање на проблемот со медиумскиот плурализам е воспоставување на Фонд за медиумски плурализам. Предлогот за овој фонд веќе е доставен до Министерството за дигитална трансформација, но останува потребата за прецизни критериуми, независна комисија и транспарентен мониторинг на распределбата на средствата.
Работилницата обезбеди платформа за размена на идеи и дискусии за подобрување на медиумската сфера во земјава. Учесниците потенцираа дека е неопходна понатамошна работа на подобрување на законодавството за да се обезбеди транспарентен, професионален и независен медиумски сектор.