Asset Publisher

Veranstaltungsberichte

Актуелните безбедносни предизвици и ризици за Северна Македонија и регионот

Презентација на книга и академска дискусија

На 9 март Фондацијата Конрад Аденауер и Универзитетот Св. Климент Охридски од Битола организираа академска дискусија на тема "Актуелните безбедносни предизвици и ризици за Северна Македонија и Регионот", во рамки на која промовирана публикација со наслов “Основи на безбедност – концепциски безбедносни пристапи” во авторство на проф. д-р Марјан Ѓуровски.

Asset Publisher

Настанот го отворија официјалниот претставник на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденаур во Северна Македонија Даниел Браун и ректорот на универзитетот Св. Климент Охридски - Битола проф. д-р Сашо Коруновски. 

Во своето воведно излагање Официјалниот претставник на КАС Даниел Браун се осврна на актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува Европа и регионот, како последица на руската агресија врз Украина. Осврнувајќи се на можните реперкусии и евентуалната ескалација на состојбите и нивно проширување во регионот Западен Балкан, Браун укажа на ризиците од конфликтите кои се провлекуваат односно тлеат во Косово и Босна и Херцеговина. При тоа тој искажа надеж дека ужасните искуства од минатото ќе придонесат да надвладее разумот, со што би се зачувала регионалната безбедност.

Ректорот проф. д-р Сашо Коруновски ја поздрави иницијативата, искажувајќи задоволство од соработката со Фондацијата Конрад Аденауер во насока на поддршка и унапредување на високото образование и академската мисла, преку поддршка на академската издавачка дејност на универзитетот. Воедно ја охрабри академската заедница уште помотивирано да продолжи да придонесува во насока на збогатувањето на академската и стручната литература.

Во својата анализа за случувањата во Украина Проф. Трајан Гоцевски кој е актуелен член на Националниот совет за безбедност и поранешен односно прв македонски министер за одбрана, предупреди на огромните економски реперкусии за Европа и регионот од војната во Украина, искажувајќи при тоа надеж дека актерите што поскоро ќе ги прекинат воените дејствија и ќе прејдат кон интензивирање на преговорите.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски ја оцени безбедносната состојба во Северна Македонија како “стабилна, со зголемено ниво на чувствителност”. Во своето излагање Димовски укажа на постојаните хибридни закани односно дезинформации, пропаганди и лажни вести, кои влијаат особено на младата популација. Според Димовски, земјата е изложена на континуиран разузнавачки интерес од страна на националните интереси на земји кои се надвор од асоцијациите во кои членува односно е аспирант Северна Македонија. Исто така посочи на постоењето верско радикализирани лица, организации и здруженија со екстремистичка реторика, неформални радикални групи, кои се фактор од ризик по националната безбедност. И покрај овие ризици, Димовски посочи дека безбедносните служби ги демонстрираат потребните капацитети за да се справат со овие предизвици. 

Според Проф. Марјан Ѓуровски, со војната во Украина нарушена е глобалната безбедносна архитектура, а безбедносни ризици постојат и за Северна Македонија и за целиот регион. Членството во НАТО значително помага во справувањето со ризиците, но заканите и понатаму постојат. Според Проф. Ѓуровски земјата треба да се сврти кон спроведување внатрешни реформи во делот на безбедноста и безбедносните институции, посочувајќи примери на директни хибридни закани од одредени надворешни актери. Тој искажа задоволство што најрелевантните политички чинители во земјата се обединети во осудата на дејствијата на Руската Федерација и посочи дека државата треба да покаже сплотеност од внатре, при тоа зајакнувајќи го своето стратешко партнерство со Германија, Велика Британија и Франција.

Осврнувајќи се на книгата “Основи на безбедност – концепциски безбедносни пристапи”, проф. Оливер Бакрески од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет - Скопје,  проф. Марјан Николовски од Факултетот за безбедност – Скопје  како и  академик проф. д-р Неџат Корајлиќ од Факултет за криминалистика, криминологија и безбедносни студии при Универзитетот во Сараево, како дел од рецензентите, ја оценија публикацијата како огромен придонес кон академската мисла на полето на безбедноста, која воедно има интердисциплинарен карактер.

Дискусијата ја модерираше Славица Арсова, главен и одговорен уредник на вестите на ТВ Сител.  

Книгата со наслов “Основи на безбедност – концепциски безбедносни пристапи” од Проф. д-р Марјан Ѓуровски е во издание на Фондацијата Конрад Аденауер и Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола и ќе се применува како универзитетски учебник во рамки на студиите по безбедност, криминалистика и криминологија на Факултетот за безбедност-Скопје на прв, втор и трет циклус на студии.  

На почеток

Asset Publisher

Контакти

Daniel Braun

Daniel Braun

Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово

daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакти

Daniela Popovska

Ansprechpartner Mazedonien

Програмски менаџер

daniela.popovska@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher