За време на двата дена, од страна на предавачите Тоше Огњанов, мултимедијален новинар и предавач за мобилно и мултимедијално новинарство, Сефер Селими, основач и директор на Демокраси Лаб (Democracy Lab) и Горан Момироски, основач и главен уредник на интернет порталот Ohrid News, беа обработени повеќе аспекти од оваа тема кои ги засегаат онлајн медиумите: дезинформации преку фотографии и видеа, проверка на вести и податоци преку мапи и визуелизации, дезинформации во онлајн медиуми итн.
На почетокот на работилницата се обрати официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер Даниел Браун, кој преку видео порака го сподели своето задоволство од заедничката соработка со ЗНМ и ги поздрави учесниците на работилницата. Тој во своето обраќање истакна: „Дезинформациите се дел од хибридната војна, која особено ја користат антидемократските режими и сили за дестабилизација на слободните општества. Затоа, новинарството мора да се води од критериуми за квалитет кои подразбираат проверка на вестите кои се пласираат. Во таа насока, од еднаква важност е и проверката на информациите во медиумите од страната на корисниците на тие гласила, односно мора критички да го преиспитаат потеклото на вестите и да знаат како да го сторат тоа, што исто така треба да биде една од целите на современото образование.“
Во својот воведен говор претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски ја поздрави соработката со КАС и ја истакна важноста од постоење и реализација на работилници од ваков карактер. Во своето воведно излагање тој исто така кажа „Треба да поттикнеме култура на транспарентност и одговорност во онлајн медиумите. Ова значи да бидеме отворени и искрени за нашите практики за известување и да обезбедуваме редовни можности за повратни информации и критики од нашата публика. Исто така, треба да бидеме спремни да ги признаеме нашите грешки и да преземеме чекори за да ги исправиме. Работејќи заедно за промовирање на етичките и професионалните стандарди во онлајн медиумите, можеме да се погрижиме вестите и информациите што ги даваме да бидат точни, праведни и со почит кон луѓето што ги засегаат “.
Тоше Огњанов, еден од предавачите, заедно со колегите новинари дискутираше на темите „Дезинформации преку фотографиии и видеа“, „Проверка на вести и податоци преку мапи и визуелизации“, „Лажни вести во социјалните медиуми - ботови и тролови“ како и на темата „Социјални медиуми - лажни профили“. Тој во текот на дискусијата истакна „Статистиките покажуваат дека дезинформациите се шират шест пати побргу од реалните вести. Најзагрижувачки е тоа што тие на секој можен начин нанесуваат штета кон општеството, кон луѓето, кон индивидуата. Радува што изминатите неколку дена имавме можност токму со медиумските работници да поразговараме на тема поврзана со дезинформациите, а особено за детекција и дешифрирање на визуелните дезинформации. Тоа што може да се заклучи дека кај македонските професионални медиумски работници постои висока свест и висока критичка мисла во однос на информациите што се пласираат низ онлајн просторот. Се надевам дека алатките за полесна детекција на визуелните содржини ќе им овозможат поефикасно препознавање и оттргнување на дезинформациите од медиумскиот простор“.
Горан Момироски се задржа на темата „Дезинформации во онлајн медиумите“, но во локален контекст со цел да се направи паралела помеѓу трендот на светско ниво и во Северна Македонија. Меѓу другото во своето излагање тој подвлече „Медиумите во новото време се исправени пред сериозни предизвици. Онлајн просторот е преполн со информации, но и со дезинформации кои доколку не се препознаат можат да предизвикаат големи последици. Затоа одговорноста на сите нас кои работиме во онлајн просторот е да се држиме до професионалните стандарди и етички норми во информирањето. Вистината и стандардите мора да бидат пред кликови, лајкови и статистики“.
Како и неговите колеги, така и Сефер Селими се задржа на опасноста од лажните вести и дезинформациите преку реални примери презентирани во форма на кратки видеа и документарен филм кои предизвикаа интерес и отворија дискусија меѓу новинарите присутни на настанот.
Важно е да се напомене дека на работилницата се разви отворена дебата за суштинските проблеми и предизвици на медиумите во ерата на интернетот и социјалните мрежи, при што беше посочена важноста таа да продолжи. Воедно беше истакнато дека медиумските работници чувствуваат потреба од вакви обуки и средби на кои покрај размена на корисни информации, искуства и практики, ќе се разговара и за потребата од системски решенија во насока на спречување и заштита од дезинформации во онлајн просторот.