Обуката имаше за цел да им понуди на новинарите и уредниците конкретни насоки за одговорно користење на генеративни и други ВИ алатки во редакциската работа, да се истакне потребата од проверка на содржини, што ќе придонесе да се задржи довербата на јавноста.
Во текот на трите работни дена, учесниците заедно со Александар Манасиев кој беше предавач, работеа во интерактивна атмосфера исполнета со практични вежби, анализа на реални случаи и отворени дискусии.
Посебен акцент беше ставен на етичките и правните дилеми поврзани со генеративната ВИ, методите за проверка на визуелни содржини и препознавање на дипфејк материјали, како и на изработка на интерни уреднички прирачници за транспарентна употреба на ВИ. Дополнително, се разгледуваа стратегии за заштита од координирани дигитални напади поттикнати со ВИ и механизми за правна и техничка поддршка на новинарите.
Беа споделени и искуства и конкретни технички пристапи за верификација на синтетички содржини, а беа дискутирани и уреднички критериуми за носење одлуки кога одредена содржина треба да се објави веднаш, а кога е неопходна дополнителна проверка. Учесниците добија насоки за тоа кои бесплатни алатки и материјали можат да ги користат во иднина, што можат директно да ги интегрираат во своите редакциски процеси.
Даниел Браун, Официјален претставник на КАС, посочи дека инвестирањето во знаење и практични вештини за новинарите претставува вложување во квалитетни и одговорни медиуми и е клучно за заштита на јавниот интерес во дигиталната ера.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека секој новинар мора да биде во чекор со технолошките промени, со фокус на задржување на новинарските етички стандарди или поконкретно практичните решенија и јасните уреднички процедури се неопходни за зачувување на професионализмот во време на брзи технолошки промени.
Катерина Јакимовска, виш проектен офицер од Центарот за Европски студии Вилфред Мартенс од Брисел, нагласи дека поддршката на вакви иницијативи е дел од пошироката европска заложба за унапредување на медиумската отпорност и усогласување со најдобрите практики, при што довербата се гради преку транспарентни процеси и јасни стандарди.
Настанот беше отворен за новинари, уредници и медиумски експерти заинтересирани за унапредување на своите вештини за работа со ВИ и за воспоставување стандарди што ќе ги заштитат професионалните новинарски практики.