Asset Publisher

Извештаи за настани

Ден на Европа 2023

Одбележување на Денот на Европа - 9 Мај

На 18 Мај 2023, се одржа настанот посветен на одбележувањето Денот на Европа – 9 Мај, во организација на Европско движење на Република Северна Македонија, во партнерство со Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс. По поздравните обраќања се одржа и панел дискусија на темата „Иднината на проширувањето на ЕУ - Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската унија?“.

Asset Publisher

На почеток

Во своето поздравно обраќање, професорката Милева Ѓуровска, претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија, го отвори настанот поздравувајќи ги присутните, и заблагодарувајќи се за големата посетеност на настанот. Во своето обраќање таа истакна дека празнувањето на Денот на Европа движењето го одбележува секојдневно, а овој ден посебно го посветува на Унијата. Според неа, потребни се поголеми напори од сите засегнати страни за да се запре сомневањето дали Северна Македонија ќе се приклучи кон ЕУ, затоа што расте мислењето на граѓаните дека земјата никогаш нема да влезе во Унијата. Како што таа истакна, според Шуман, главната порака е да се зачува мирот на континентот, и Европа ќе се слушне само доколку зборува едногласно. „Нашиот регион кој е погоден од Руско-украинската војна, се соочува и со други безбедносни проблеми, што укажува дека европската перспектива во регионот треба да се направи многу посигурна отколку што е сега“. Професорката Ѓуровска го честиташе Денот на Европа на присутните, и посака плодна дискусија на панелистите.

Даниел Браун, официјалниот претставник на Фундацијата Конрад Аденауер, го започна своето воведно обраќање со поттикот дека сите се залагаат за Европска иднина на Северна Македонија. Тој порача дека во демократијата има дебати и спорови, но има и моменти кога треба да сме едногласни, без разлика дали сме позиција или опозиција. „Ние како фондација се обидуваме независно од денот на Европа да испратиме порака дека е важно во врска со прашањата од национален интерес да сте едногласни. Треба да се работи на ова централно прашање без разлика кој е на власт, и на ова треба да се работи во континуитет. Многу млади луѓе кои се добро квалификувани ја напуштаат државата и важно е на овие луѓе да им се даде перспективата која Европската Унија ја дава. Се радувам што ќе има младинска дискусија за да може директно да се дискутира со младите за иднината. Важно е да се работи на политичкиот интерес и на подготвеноста да се дискутира и да се слушне гласот на младите особено од политичарите".

Катерина Јакимовска, која се обрати во име на Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс, на самиот почеток на своето воведно обраќање ја посочи важноста на мир и слобода, демократија и владеење на правото, кои се вредностите на Унијата што истовремено се заеднички со вредностите на Северна Македонија, и се посебно важни сега кога безбедноста е загрозена од војната во Украина. „Нашата интеграција и помош од Европската Унија се потребни сега повеќе од било кога, а особено потребно е да се слушне и гласот на младите кои се иднината на нашиот континент“ посочи Јакимовска.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во своето обраќање се осврна на познатата мантра на Европската Унија, а тоа е заморот од проширувањето, за кое додаде дека е политички неоправдано и неодговорно да се употребува од страна на политичките претставници кои се платени да работат на подобрувањето на позицијата и животот на граѓаните.

"Наша обврска е, на политичарите, да ја вратиме енергијата и динамиката на процесот, кој, барем за државите од западниот Балкан, се движи пребавно, а таквата динамика неспорно повеќе одмага отколку што помага и во поглед на подготвеноста на државите кандидатки за пристапување и во однос на ентузијазмот за овој процес кај граѓаните и целокупната  јавност. Ние, политичките претставници на граѓаните, кои сме ја добиле довербата на граѓаните на проевропски политички платформи, треба да сме свесни дека со секое повторување на оваа мантра не само што шириме дефетизам и му одмагаме на процесот, туку и го засилуваме ефектот што го посакуваат и отворените и прикриените противници на проектот на Обединета Европа. Единствениот ефект од таквиот наш однос е одржувањето на гео-политичкиот вакуум што веќе се создава. Притоа, свесни дека вакуумот во политиката не опстојува долго време, јасно е дека наместо Европската Унија, тој вакуум ќе биде пополнет со актери чие недемократско и деструктивно влијание создава поделби и конфликти и го успорува социоекономскиот развој. Оттаму, мојата порака до сите политички актери кои макар и формално ја поддржуваат европската интеграција е да престанеме да се занимаваме со „заморот“, и да се фокусираме на процесот“ посочи Пендаровски.

Панел дискусија ја започна Андреј Лепавцов, поранешниот амбасадор во Европската Унија, кој во својата улога на модератор ги поздрави присутните, со посебен осврт на студентите кои се иднината на државата. Лепавцов даде мал вовед во дискусијата со објаснувањето дека проширувањето е тема која не мотивира, но истовремено и вознемирува, посебно во контекстот на претходната мигрантска криза, и актуелната војна во Украина. Се добива впечаток дека проширувањето на Западниот Балкан е во слепа улица, но ако ги слушаме официјалните изјави од Брисел, пристапните преговори се придвижуваат нанапред. Овие изјави си противречат, и тоа ја намалува довербата на граѓаните во Унијата. По своето воведно обраќање го покани првиот говорник на панел дискусијата, Амбасадорот и шефот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир.

Амбасадорот Дејвид Гир го започна своето излагање изразувајќи големо задоволство што е дел на еден ваков форум, кој ја враќа идејата за Европската Унија таква како што ја познаваме. „Живееме во необично време, во време во кое Украинската војна ја трансформира Унијата, и го засилува ставот што веќе го знаеме, и од страна на ЕУ, и од страна на Западниот Балкан – дека интеграцијата е еднакво потребна и за двете страни, не на база на алтруизам, туку на база на силна калкулација. Можноста за членство е поттик и за странски директни инвестиции, која е потребна за државата, па затоа една од големите поволности е економската. Со пристапот кон Унијата вашата земја ќе стане дел од заедничкиот пазар, а добрата, капиталот и луѓето слободно ќе се движат, што само ќе помогне за економскиот раст на државата“ додаде Гир.

Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џеин, се заблагодари на поканата, и се приклучи на дискусијата додавајќи дека „Одговорот на денешното прашање на дебатата е позитивно, затоа што постојат бенефиции и за двете страни. Северна Македонија ужива големи придобивки од врската со ЕУ, а кога земјата ќе се приклучи, бенефициите секако ќе се зголемат. Сакам да посветам момент да го подвлечам најважното нешто - дека корупцијата ја уништува државата, и ова е област на што мора да се посвети најголемо внимание при работата“. Амбасадорката Ларсон Џеин посочи дека не постои скратен пат до Унијата, и мора да се работи деноноќно за да се постигнат резултати. Интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ е добра и за двете страни. „Честопати ме прашуваат дали интеграцијата на Северна Македонија до 2030 е можна, а јас одговарам дека тоа зависи од граѓаните. Пред да влезете во ЕУ потребни се фундаментални промени, кои ќе ја променат вашата држава, не на денот кога ќе влезете во Унијата, туку на денот кога ќе ги имплементирате промените.“

Моника Зајкова, претседателката на Либерално демократската партија и пратеничка, го започна своето излагање за тоа како Северна Македонија се соочува со големи промени потенцирајќи дека не требало да се случи војната за да ја сфатиме важноста на Европската Унија. „Не треба да очекуваме дека патот кон Унијата е лесен, нормално дека е трнлив, но ние како политичари треба да дадеме се од себе да се посветиме на интеграцијата. Поголемиот дел од партиите како стратешка цел го имаат членството на ЕУ, но имаат различни гледишта на начинот на кој треба да се води процесот. Сега веќе немаме време за одолговлекување, туку треба да се фокусираме на она што е веќе почнато. Како политички партии не можеме да дадеме консензус за спроведувањето на реформите, но мора да се согласиме дека проблемите толку многу се наталожиле, и ако не сфатиме дека треба да дадеме заеднички одговори и не си поставуваме сопки на патот, реформи нема да добиеме“ посочи Зајкова.

Африм Гаши, претседателот на политичката партија Алтернатива и пратеник, своето излагање го започна истакнувајќи дека концептот за проширување сега е нешто сосема поинаку од минатото, како резултат на општите промени не само во Унијата туку и во светот. „На ист начин се менуваат и политиките за зачленување што резултира со дополнителни проблеми на патот кон Европа на балканските држави, кои веќе имаат и други проблеми. Државите на Западен Балкан дури и после децении во чекалницата сепак не се спремни за влез поради лошите односи помеѓу самите балкански држави, и влезот е илузија додека овие проблеми не запрат. Проблемите можат да запрат само кога шесте држави ќе се вклучат во заеднички дијалог за да се разрешат таквите прашања“ додаде Гаши.

Панел дискусијата ја заокружи Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром, посочи дека слушајќи ги говорниците, се потсетил на 2006 година кога матурирал и кога пишувал за евро-интеграциите, тогаш поттикнат од 2005 година кога евроинтеграциите имале поголемо значење, за разлика од денес. „Во 2005 луѓето очекуваа да влеземе во Унијата во 2012 или 2013 година, а денес сме веќе 2023, а земјата уште не е блиску до вклучувањето во Унијата, но трансформативна улога сепак постои, без разлика на тоа дали чекаме и колку чекаме. Една од промените е визната либерализација, која овозможи на македонските граѓани да патуваат, што е добар начин да ги покажеме придобивките на Унијата, и да ја промовираме меѓу нашите граѓани.“ Своето излагање го заклучи со осврт на анкетите кои се показател на општествената разочараност од реформските процеси во земјата, и тој е убеден дека најголемиот дел од граѓаните се свесни дека е најважно влегувањето на земјата во ЕУ, која ќе го подобри начинот на живеење и на денешните, и на идните генерации.

Настанот продолжи со доделувањето на наградата за Европска Личност на годината за 2022, на македонскиот писател Томислав Османли, кој се обрати на присутните заблагодарувајќи се за номинацијата и наградата, додавајќи дека Европската Унија е неговата политичка преференца, за која се залагал дури и во време на постоењето на поранешната држава.

По доделувањето на наградата, настанот продолжи со Младински клуб, кој даде шанса за дискусија и учество на младите. Младинскиот клуб започна со ораторски натпревар со учество на студенти од различни универзитети во Северна Македонија, и тоа Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитет на Југоисточна Европа – Тетово. На натпреварот ораторите ги покажаа своите вештини, истовремено претставувајќи ги нивните ставови на темата „Зборувам со Европа“. По завршувањето на натпреварот, жири комисијата првото место и го додели на Сара Марковска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, второто место на Божидар Доневски од Универзитетот „Гоце Делчев“, и третото место на Кристијан Вељановски од Универзитет „Св. Климент Охридски“.

По завршувањето на ораторскиот натпревар, следуваше младинска дебата со наслов „Зборувам со Европа за мојата европска иднина“ во која младите од средните училишта и универзитетите ги изнесоа своите ставови на темата. Дискусијата беше плодна, и дури и го надмина предвиденото време, што младите го искористија за да се осврнат на проблемите со кои се соочуваат во државата, и да потенцираат дека нивниот глас треба многу повеќе да се слуша и од политичарите и од медиумите. Се дискутираше за промените кои тие би сакале да ги видат во општеството, и на кој начин членството во Унијата би помогнало во тоа.

На крајот од настанот следуваше и квиз на знаење за Европската унија со учество на средношколци од средните училишта во градот Скопје, во кој учениците се натпреваруваа во знаење и брзина на одговарање на прашања поврзани со ЕУ. Тројцата кои најдобро се покажаа на квизот беа Ивана Саревска која освои прво место, Мартин Перчинковски со второ, и Димитар Георгиев со трето место. Сите наградени ученици беа од СУГС „Георги Димитров“.

Заклучно со квизот и доделувањето на наградите заврши овогодинешниот настан посветен на Денот на Европа – 9 Мај, на кој присуствуваа повеќе од 200 учесници.

Asset Publisher

Контакти

Daniel Braun

Daniel Braun

Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово

daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакти

Davor Pasoski

Ansprechpartner Mazedonien

Програмски менаџер

davor.pasoski@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher