Главна цел на Aкадемијата е да се зајакнат знаењата и вештините на политички ангажираните млади луѓе, како и да се мотивира нивното идно учество во креирањето политики на локално и национално ниво.
Академијата беше отворена од страна на Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, кој истакна дека продолжува соработката помеѓу КАС и ВМРО-ДПМНЕ на повеќе различни нивоа. Воедно, тој истакна дека оваа соработка треба да придонесе кон создавање нови лидери во рамки на десницата, за напредок и нови можности и на државата и на општеството. Браун ја подвлече поддршката која КАС ја дава за јакнење на капацитетите на повеќе структури од ВМРО-ДПМНЕ, како и директната поддршка кон највисокото раководство.
Свое обраќање имаше и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој, заблагодарувајќи се на соработката со КАС, истакна дека е огромна важноста од вложување во следната генерација политички лидери. „Ова се одлични настани за сите нас, и благодарност на Фондацијата Конрад Аденауер што секогаш знае да ги поддржи нашите напори.“ меѓу другото истакна Мицкоски. На ваквите настани, според Мицкоски, се пренесуваат знаења и искуства за да се биде подобар, што треба да биде главен мотив на младите и успешни политичари. „Само со континуирано вложување во генерациите кои доаѓаат, ние можеме да бидеме подобри политичари“, заврши Мицкоски.
На отворањето се обрати и Стефан Андоновски, Секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ и Раководител на ПИАЦ, кој истакна дека овој модул е само почеток за создавање нови лидери кои успешно ќе ја водат партијата и државата во наредниот период. Андоновски посочи дека се надева дека овој начин на работа ќе донесе резултати за да направи многу повеќе за земјата со цел да се променат на подобро моменталните работи и состојби во македонското општество.
По поздравните обраќања следеше панел дискусија на која се вклучија четирите потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, Гордана Димитриеска Кочоска, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски. Секој од свој аспект, тие зборуваа за својата приказна во поглед на градењето на лидерството и лидерскиот профил, концентрирајќи се на лидерство во време на политички, финансиски, економски, инфраструктурни кризи, како и состојбите во земјата.
Вториот ден од обуката опфати квалитетни презентации од домашни експерти од областа на политичкиот систем, уставното право и изборите.
Денот го отвори Александар Спасеновски, Професор на Правниот факултет во Скопје, и поранешен пратеник. На интерактивен начин, Спасеновски ги исцрта теоретските основи на политичката наука, како и на македонскиот уставен поредок. Особено внимание посвети и на поделбата на власта, како и карактеристиките на секоја од властите.
Специјален гостин во рамки на првиот модул од Академијата беше Гордана Силјановска Давкова, истакнат професор по уставно право и политички систем, пратеничка и поранешен кандидат за Претседател на државата. Во динамичната дискусија со присутните, професорката се осврна на нијансите на македонскиот политички систем – анализирајќи ги разликите помеѓу теоријата и политичката практика.
Вториот ден беше затворен со интересна презентација за изборите како движечка сила на политичкиот систем, барањата и потребите на граѓаните и мотивациите да се учествува во избирачкиот процес, од страна на политичкиот аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Клековски.
Завршниот ден од првиот модул на Политичката академија го отвори поранешниот пратеник Илија Димовски. Димовски се концентрираше на градењето на профил на современ политичар, фокусирајќи се на идеолошката компонента на десничарските партии. Димовски ја модерираше и работилницата во која се анализираа профили на познати лидери од балканското соседство, потенцирајќи ги нивните карактеристики на профил на лидер.
Марина Димовска, Соработник во Комисијата за европски прашања и Комисијата за надворешна политика во Собранието, зборуваше за централни прашања од областа на градење политички интегритет, особено фокусирајќи се на интегритетот на пратениците во Собранието и начинот на нивен избор.
Во делот на заклучни согледувања на обуката, плодните дискусии ги заклучија Давор Пашоски, од Фондација Конрад Аденауер и Стефан Андоновски, Раководител на ПИАЦ „Љубиша Георгиевски“. Овој дел опфати дискусија со учесниците во врска со потребите и приоритетите на Политичката академија. Во таа смисла, КАС и ВМРО-ДПМНЕ и понатаму продолжуваат со исклучително плодната заедничка соработка.
Покрај од КАС, модулите на Политичката академија ќе бидат поддржани и од други партнери на ВМРО-ДПМНЕ, како што се ИФЕС со поддршка на Швајцарската агенција за развој, Меѓународниот републикански институт и Националниот демократски институт.