Програмата започна со пристигнување на учесниците во Охрид, по што следуваше студиска посета на Охридскиот аеродром, како и дискусија на тема: Заштита и обезбедување на критичната инфраструктура. Дискусијата ја водеше проф. Ѓорѓи Алчески од Филозофскиот факултет во Скопје и директор на Охридскиот аеродром, при што на учесниците добија практичен увид во процедурите за безбедност и механизмите за отпорност на критичните системи.
Официјалното отворање на школата се одржа во хотел „Royal View“ во Охрид. По поздравните обраќања на Даниела Поповска од КАС Скопје и Георг Димакос од Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс, следеше дискусија со заменик-градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски. Во своите обраќања говорниците ја истакнаа важноста на прекуграничната и регионалната соработка, како и на дијалогот во насока на справувањето со заедничките безбедносни предизвици.
Интерактивната сесија им овозможи на учесниците директна размена со говорниците, по што следуваше активност за запознавање, водена од КАС-стипендистката Анастасија Саша Тофоска, која придонесе за поттикнување атмосфера на непосредна комуникација и запоснавање на учесниците. Првиот ден беше заокружен со работилница на тема: Религиозна радикализација како безбедносен предизвик, која ја фасилитираше Елена Димовска од Факултетот за безбедност во Скопје, која поттикна критичка дискусија за едно од најсензитивните прашања во Европа и регионот.
Вториот ден беше посветен на пошироките регионални безбедносни прашања во услови на глобални геополитички промени. Сесијата беше модерирана од проф. Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет во Скопје и вклучи излагања на реномирани експерти од регионот, меѓу кои проф. Зоран Иванов од Институтот за национална историја од Скопје, проф. Татјана Дронзина од Факултетот за политички науки при Софискиот универзитет, како и Милан Крстиќ од Факултетот за политички науки при Универзитетот во Белград. Во фокусот на дискусиите беа надворешните влијанија на Балканот, променливата природа на глобалните односи на моќ и нивните импликации врз регионалната стабилност.
Потоа учесниците работеа во интерактивни работни групи. Првата работилница која ја фасилитираше Ана Крстиновска од ЕСТИМА, беше посветена на економската безбедност во контекст на променливите геополитички текови. Втората работилница ги анализираше безбедносните ризици поврзани со вештачката интелигенција и беше фасилитирана од Драган Секуловски, Директор на Здружението на новинари на Македонија и новинарот Николај Крастев од Бугарската национална телевизија (BNT).
Покрај работниот дел, учесниците имаа можност да учествуваат и на културно-историска посета на градот Охрид, што дополнително придонесе за неформална размена и регионално вмрежување.
Последниот ден беше посветен на презентација на резултатите од работните групи, при што учесниците ги претставија своите анализи и предлог-решенија за актуелните безбедносни предизвици. На крај следеше дискусија на високо ниво со Александар Николоски, Министер за транспорт на Северна Македонија, кој ја нагласи важноста на довербата како основа за регионална соработка и долгорочна безбедност и просперитет.
Иницијативата, која КАС и Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс ја реализираат изминатите години, уште еднаш ја потврди важноста на дијалогот, размената на знаења и регионалната соработка во справувањето со комплексните безбедносни прашања во услови на сѐ поизразените геополитички поместувања.