Програмата започна на 8 јули со поздравно обраќање од Роберт Јанев, програмски менаџер во Фондацијата Конрад-Аденауер и Џорџ Димакос, проектен офицер од Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс. Двајцата ја нагласија важноста од поттикнување дијалог на теми поврзани со идентитетот, религијата и демократските вредности во сè поразновидна и поповрзана Европа.
Воведното предавање, "Политиката и религијата во Европа: историски и современи перспективи", го одржа Иванка Василевска, пратеничка во Собранието на Северна Македонија. Сесијата даде преглед врз историската улога на религијата во обликувањето на европските политички системи и идентитети, а воедно и ги анализираше современите предизвици поврзани со секуларизмот, верската слобода и политичкото учество. Учесниците имаа можност да дискутираат за развојот на улогата на верските заедници во демократските општества и рамнотежата помеѓу религиозните традиции и современото управување.
Вториот ден започна со предавање од проф. д-р Ненад Марковиќ од Правниот факултет "Јустинијан Први", насловено: "Идентитет, религија и национализам во Југоисточна Европа: предизвик или можност." Од регионална перспектива, проф. Марковиќ истражуваше како религиозните и националните идентитети продолжуваат да влијаат на политичкиот развој и социјалната кохезија низ Југоисточна Европа. Сесијата ги поттикна учесниците критички да размислуваат за односот помеѓу идентитетот и граѓанството, дискутирајќи ги и можностите и ризиците што произлегуваат од влијанието на религијата, културата и национализмот. Во рамки на предавањето беше вклучена и работилница на тема: "Кој сум јас? Истражување на личниот и колективниот идентитет", која овозможи интерактивен пристап каде учесниците ги анализираа своите идентитети и ги истражуваа факторите кои влијаат врз обликувањето на индивидуалната и колективната припадност.
Во попладневната сесија, проф. д-р Марина Туневa, експерт за комуникации и медиуми, фасцилитираше две сесии под темата "Кога идентитетот станува ранлив: дезинформации, вештачка интелигенција, стереотипи и медиумска етика во поделени општества." Дискусиите се фокусираа на тоа како дезинформациите и новите технологии за вештачка интелигенција можат да влијаат на јавното мислење и да ги зајакнат стереотипите, особено во општества обележани со политички, етнички или верски поделби. Учесниците истражуваа реални примери на манипулативни наративи и дискутираа за етичките одговорности на новинарите, дигиталните платформи и граѓаните во борбата против дезинформациите. Сесиите ја истакнаа сè поголемата важност на медиумската писменост и критичкото размислување како суштински алатки за зачувување на демократскиот дискурс и социјалната кохезија во дигиталната ера.
Важен дел од програмата беа студиските посети организирани на 10 јули под темата: "Разновидност во живо: Култура и религија во пракса." Учесниците посетија три важни верски и многу културни места во Охрид, вклучувајќи: Католичката црква "Свети Кирил и Методиј и Свети Бенедикт", џамијата Али Паша и Катедралната православна црква "Света Софија". Посетите им овозможија на учесниците уникатна можност да ја искусат богатата верска и културна разновидност што ги карактеризира Охрид и Северна Македонија воопшто. Преку овие студиски посети, учесниците добија корисни сознанија за историскиот развој на верскиот соживот и улогата на дијалогот во поттикнувањето на меѓусебното разбирање и почит. Студиските посети покажаа како културното и религиозното наследство можат да послужат како мост за соработка и мирна коегзистенција во мултикултурни општества.
По студиските посети, Катерина Поповска, едукатор за неформално образование од Аурора межата, ја фасцилитираше сесијата насловена: "Младите како агенти на промените: европски вредности и локални иницијативи." Сесијата беше фокусирана на улогата на младите во зајакнувањето на демократското учество и промовирањето на европските вредности на локално ниво. Учесниците ги истражуваа практичните пристапи за вклучување на заедницата, граѓански активизам и развој на проекти, а исто така дискутираа како иницијативите спроведени од млади можат да придонесат за социјална инклузија, интеркултурен дијалог и демократизација на општеството.Работилницата ги поттикна учесниците да идентификуваат конкретни иницијативи што можат да ги спроведат во своите заедници, покажувајќи дека значајните општествени промени често започнуваат преку локална ангажираност и индивидуална одговорност.
На крај од програмата учесниците ги повторија клучните лекции од претходните денови и дискутираа како стекнатите знаења и искуства можат да се применат во нивниот личен, академски и професионален развој. Сесијата исто така им овозможи на учесниците простор да разговараат околу потенцијална соработка, вмрежување и континуирано ангажираност по прашања поврзани со идентитетот, интеркултурниот дијалог, демократските вредности и активното граѓанство.
Летната школа успешно овозможи просто за воспоставување на дијалог околу важни прашања со кои се соочуваат современите европски општества, вклучувајќи ги идентитетот, религијата, интегритетот на медиумите и демократското учество. Со вклучување на интерактивен пристап преку академски предавања, практични работилници и учење преку студиски посети, програмата им овозможи на учесниците да го продлабочат своето знаење за разновидноста, да ги зајакнат критичките вештини за размислување и да ја потврдат важноста на дијалогот и меѓусебното почитување. Настанот уште еднаш ја покажа посветеноста на Фондацијата Конрад-Аденауер и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс кон поттикнување информирани, одговорни и ангажирани млади лидери кои ќе придонесат за градење инклузивни и демократски општества низ Европа.