Asset Publisher

Einzeltitel

Право и религија

Учебникот „Право и религија“ е колективен и сеопфатен труд на проф. д-р Тања Каракамишева - Јовановска и на проф. д-р Александар Спасеновски, професори на катедрата по уставно право и политички систем на Правниот факултет “Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Asset Publisher

На почеток

Основната намера да се напише ова дело произлезе, пред сė од потребите на студентите што студираат на правните студии, на политичките студии, на студиите по новинарство, како и на студиите по односи со јавноста, организирани како студии од прв циклус, а, секако и на студентите од вториот циклус, мастер студии на насоката уставно право и политички систем и мастер студиите по политички науки. Истовремено, со оглед на целите на секој универзитетски учебник, веруваме дека ова дело ќе им биде од полза и на сите заинтересирани субјекти надвор од универзитетите кои се занимаваат или се интересираат за оваа значајна проблематика.

Правото и религијата никогаш не биле автономни и независни категории една од друга.

Од секогаш религијата имала влијание во креирањето на правните системи, најнапред на полисите, на заедниците, а подоцна и на државите, како и обратно, правото низ човековата историја вршело суштинско влијание врз религијата и нејзините експоненти. Ноторен факт е дека религијата е вградена во темелите на сите модерни правни системи што егзистираат во бројни држави, почнувајќи од оние на Средниот Исток, преку Африка, Европа, до Латинска и Северна Америка и Азија. Колку и како религијата извршила влијание врз правото на одделните правни системи е прашање на кое аналитичарите можат да дадат прецизен одговор.

Секако, и обратната релација е мошне интересна и важна - колку правото и конкретно воспоставените правни системи извршиле или вршат влијание врз дообликувањето на религијата и на религиозните субјекти и правила.                       

Во овој контекст, за нас од посебен интерес се истражувањата на начините како уставно-правното уредување, како уставно-правните системи на државите имаат влијание врз религијата, врз верските здруженија, како и врз остварувањето на човековите слободи и права. Ова прашање е неспорно дека има милениумска традиција.

Оттаму доаѓа и заклучокот дека на човекот му стојат на располагање огромни историски искуства, различни видови на согледувања и безброј практични примери каде се воочени меѓусебните влијанија на правото со религијата и на религијата со правото.

Меѓутоа, иако голем број теоретичари имаат оставено сопствен белег во откривањето на смислата и законитостите на овие две глобални и цивилизациски теми, сепак и денес е голем интересот на научната јавност за уште едно ново препрочитување на досегашните текстови и утврдување на сопствен дискурс при анализата на овие феномени.

Веројатно една од причините за ова лежи во динамичноста на правото и развојот на државата, од една, и фундаменталното значење на религијата врз таа динамичност и комплексност, од друга страна.

Интелектуалниот интерес за релациите меѓу овие две категории е детерминиран и од индивидуалниот пристап на секој од истражувачите дека можеби е нешто испуштено од претходниците, дека можеби нешто е поинаку прикажано или недоволно објаснето.

Токму овие мотиви, надополнети со теориската празнина во однос на разјаснувањето на односот право и религија во нашата земја, беа клучната детерминанта да направиме детална анализа на оваа обемна и прилично комплексна материја.

Како автори на учебникот се надеваме дека навлеговме во секое сокаче објаснувајќи ги при тоа најважните елементи  со должно внимание.

Напоменуваме дека ова е прв учебник по “Право и религија”на Правниот факултет „Јустинијан Први“, но и во државата.

Делото „Право и религија“ е шестиот учебник кој го издаваме како резултат на континуираната и долгогодишна поддршка, што како автори ја добиваме од Фондацијата „Конрад Аденауер“.

До сега, како дел од овој мега проект, беа издадени следните учебници:

Политички партии и интересовни групи, како и англиската верзија на учебникот со наслов „Political parties and interest groups“, во 2016 година;

Современи политички системи, како и англиската верзија на учебникот со наслов „Contemporary political systems“, во 2018 година, како и учебникот Парламентарно право, во 2019 година.

Имајќи го во предвид истакнатото, како автори, изразуваме искрена благодарност до претставништвото на Фондацијата „Конрад Аденуер“, во Скопје затоа што ја препознаа вредноста и ја поддржаа реализацијата на  оваа проектна идеја, овозможувајќи натамошно да се осовремени образовниот процес на македонските универзитети, но и да се олесни студирањето бидејќи студентите овие дела ги добиваат целосно бесплатно. Секако, имајќи го во предвид карактерот на материјата со која се занимаваме во книгите, вклучително и во оваа, веруваме и дека сите ентузијасти надвор од универзитетите во општеството, својата жед за поголемо знаење за политичките партии, за политичките системи, за законоданата власт, како и за односот помеѓу правото и религијата ќе можат уште повеќе да ја задоволат, што претставува уште еден аргумент повеќе во приког на вредност на овој исклучително значаен издавачки проект.

Asset Publisher

comment-portlet

Asset Publisher