Детали
Настанот има за цел да отвори дискусија за клучните предизвици и можности поврзани со конкурентноста, иновациите и дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан. Во рамки на настанот ќе биде презентиран Индексот за конкурентност и иновации на Западен Балкан, кој обезбедува компаративна анализа на состојбите и капацитетите во регионот, како и препораки за унапредување на јавните политики и поттикнување на одржлив економски раст.
Настанот ќе обедини високи претставници на институции, носители на политики, меѓународни експерти, претставници на бизнис секторот, академската заедница и граѓанското општество, со цел отворање на сеопфатна дискусија за клучните двигатели на иновацискиот развој во регионот.
Настанот ќе го отворат Марија Ристеска, Извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики и Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер.
Како воведни говорници ќе земат учество Stephen Ezell, Потпретседател на Фондацијата за информациски технологии и иновации и Кристијан Трајковски, Проектен координатор во Центарот за истражување и креирање политики.
Во рамки на панелот за јавна политика ќе учествуваат Стефан Андоновски, Министер за дигитална трансформација; Златко Перински, Министер за локална самоуправа и Јелена Јаневска, Директор на програмата при мрежата на здруженија на локални власти од Југоисточна Европа (НАЛАС).
Работни јазици на настанот се македонски и англиски јазик (со обезбедено симултано толкување).