Asset Publisher

Извештаи за настани

Презентација на Индексот за конкурентност и иновации на Западен Балкан

Мерење на иновациите за одржлив и паметен раст

На 27 мај во Скопје, Центарот за истражување и креирање политики, во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер организираше настан посветен на конкурентноста, иновациите и дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан, на кој беше презентиран Индексот за конкурентност и иновации на Западен Балкан.

Asset Publisher

Сподели

Индексот обезбедува компаративна анализа на капацитетите за иновации и конкурентност во регионот и нуди препораки за унапредување на јавните политики со цел поттикнување на одржлив и паметен економски раст. Клучните наоди од Индексот покажуваат дека Северна Македонија бележи значајни резултати во делот на високотехнолошкиот извоз, додека Скопје се издвојува како главен центар на иновацискиот екосистем во државата, особено во областа на истражувањето и развојот, патентната активност и пристапот до ризичен капитал. Повеќе информации и клучните наоди од Индексот се достапни на: https://crpm.org.mk/product/balkan-subnational-innovation-competitiveness-index/. Сепак, извештајот предупредува и на значителен јаз помеѓу главниот град и останатите региони во државата, како и на потребата од посилни регионално насочени политики што ќе поддржат технолошка модернизација, продуктивност, дигитализација и задржување на квалификуван кадар.

На настанот присуствуваа претставници на институции, меѓународни организации, бизнис секторот, академската заедница и граѓанското општество. Дискусиите беа фокусирани на улогата на иновациите во економскиот раст, инвестициите во истражување и развој, регионалната конкурентност и можностите што произлегуваат од европските политики и инструменти за поддршка на иновациите.

На присутните им се обратија Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Златко Перински, министер за локална самоуправа, Даниел Браун од Фондацијата Конрад Аденауер, Стивен Езел од Фондацијата за информатичка технологија и иновации (ITIF), Јелена Јаневска од Мрежата на националните асоцијации на локалните власти во Југоисточна Европа (NALAS), како и претставници на Центарот за истражување и креирање политики.

Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, истакна дека: „За Фондацијата Конрад Аденауер како политичка организација е од голем интерес организирање на една ваква конференција во соработка со партнерите ЦИКП и Глобалната алијанса за трговски и иновациски политики. Политичката стабилност, демократијата, како и функционална правна држава, изискуваат стабилни и добри економски рамковни услови. Затоа е важно да се поттикнуваат иновации за идниот економски успех. Претставувањето на индексот на раст денес дава важен придонес во таа насока.“

Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики, нагласи дека: „Наодите од Индексот покажуваат дека иновацијата не е избор – таа е предуслов за конкурентност; конкурентноста не е прашање на централна политика туку и на регионална и локална; регионалните разлики се реални и мора да се развијат мерки за соодветно на нив да се одговори, затоа локалниот економски развој треба да е централна грижа на општините и да се однесува не само на отворање на нови бизниси и нови работни места, туку на зголемување на продуктивност, иновации и конкурентност”.

Во своето излагање Стивен Езел од Фондацијата за информатичка технологија и иновации (ITIF) истакна дека: „Земјите се наоѓаат во интензивна трка за стекнување глобална предност во иновациите, што ја нагласува потребата носителите на политики силно да се фокусираат на создавање поволна регулаторна и политичка средина во која иновациски ориентираните индустрии ќе можат успешно да се развиваат. Северна Македонија бележи добри резултати во новообјавениот извештај „Балкански индекс на субнационална иновациска конкурентност“, кој ги рангира 48-те региони од Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија врз основа на 13 индикатори за иновациски капацитет. Сепак, истражувањето покажува дека Северна Македонија треба дополнително да ја зајакне својата иновациска економија, особено преку зголемување на инвестициите во истражување и развој, подобрување на пристапот до ризичен капитал, како и преку унапредување на продуктивноста во производствениот сектор и потенцијалот за високотехнолошки извоз, преку имплементација на дигитално производство и стратегии за паметна специјализација.“

Кристијан Трајковски, проектен координатор во ЦИКП го презентираше Индексот за конкурентност и иновации на Западен Балкан при што се осврна на повеќе релевантни индикатори и понуди компаративен приказ на резултатите по регионите, укажувајќи на клучните причини за исходот на резултатите и кои политики се неопходни за овозможување искористување на потенцијалот на регионот за економски раст и развој.

Јелена Јаневска, програмски директор од Мрежата на националните асоцијации на локалните власти во Југоисточна Европа се осврна на главните предизвици кои ги имаат локалните самоуправи во спроведување на политики на локално и регионално ниво.

Министерот Стефан Андоновски се осврна на новите законски решенија за иновации и развој на претприемништво како и вложувањето на државата во вештачка интелегенција и создавање национален AI екосистем, преку развој на AI центар во соработка со Европската Унија, изградба на дата-центри и поврзување со европските дигитални хабови што може да влијае на продуктивноста и воопшто конкуренцијата на македонската економија.

Рамномерниот регионален развој е од особена важност и на него се фокусираше Министерот Златко Перински кој истакна дека квалитетот на услугите и капацитетот на локалната администрација директно влијаат врз можностите за инвестиции и локален економски развој.

Заклучок од настанот беше дека иновациите, дигиталната трансформација и регионално насочените политики ќе имаат клучна улога во зајакнувањето на конкурентноста и обезбедувањето одржлив економски раст во земјите од Западен Балкан. Воедно, беше нагласена потребата од понатамошно унапредување на политиките насочени кон иновации, дигитализација, истражување и развој, како и јакнење на регионалната соработка и создавање поповолна средина за долгорочен и паметен развој на регионот.

Asset Publisher

Контакт Daniel Braun
Daniel Braun
Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово
daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакт

Davor Pasoski

Ansprechpartner Mazedonien
Програмски менаџер
davor.pasoski@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher