Asset Publisher

Извештаи за настани

Ден на Европа 2025

25 години поддршка на евроинтегративниот процес и демократскиот напредок на Северна Македонија

На 28 мај 2025 година, се одржа овогодишниот настан по повод Денот на Европа, во организација на Европското движење во Република Северна Македонија, Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс. Одбележувајќи 25 години поддршка на евроинтегративниот пат на Северна Македонија, во рамки на настанот се одржа панел дискусија за процесот на проширување и интеграцијата во ЕУ, по што следеше младински клуб фокусиран на учеството на младите во политиката и општеството.

Asset Publisher

Сподели

Овогодишното издание на Денот на Европа беше посветено на 25 години поддршка на евроинтегративниот процес и демократскиот развој на Северна Македонија, обединувајќи високи претставници од земјата и странство, членови на дипломатскиот кор, академската заедница, студенти и други клучни чинители. Настанот, одржан на 28 мај 2025 година во Рагуза 360, се совпадна со 25-годишнината од активното делување на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија. Во соработка со Европското движење во Република Северна Македонија и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс, беше организиран ден исполнет со суштински дискусии за актуелните состојби во Европската Унија, процесот на проширување и улогата на Северна Македонија во тој контекст.

По свеченото интонирање на химните на Северна Македонија и Европската Унија во изведба на Детскиот хор „Пиколо“, настанот официјално го отвори Проф. д-р Милева Ѓуровска, Претседателка на Европското движење. Во своето поздравно обраќање, таа се осврна на патот на Северна Македонија кон ЕУ, нагласувајќи ги многубројните пречки што беа надминати и потенцирајќи дека сега е време овој напредок да се официјализира. Повикувајќи се на истражување на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија, според кое повеќе од половина од младите во државата немаат доверба во сигурна иднина во рамките на ЕУ, таа истакна дека реториката на ЕУ мора да биде поткрепена со вистинска посветеност и конкретни дејствија. Во тој контекст, таа ја истакна конзистентната посветеност на Фондацијата Конрад Аденауер кон европскиот пат на Северна Македонија, што беше соодветен вовед во следниот говор.

Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, се надоврза на говорот на Ѓуровска и потенцираше дека европската цел останува врвен приоритет во работата на фондацијата во земјата. Повикувајќи се на улогата на фондацијата во унапредувањето на демократијата и граѓанското општество преку програми за политичко образование на младите, тој изрази оптимизам дека европскиот сон сè уште живее меѓу младите и дека Фондацијата Конрад Аденауер ќе продолжи посветено да работи за тој сон да стане реалност.

Делот со поздравните обраќања заврши со говорот на Катерина Јакимовска, Виш офицер за проекти во Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс. Таа нагласи дека во денешниот неизвесен геополитички контекст, вредностите на мирот, демократијата и владеењето на правото се поважни од кога било — и за Европската Унија и за Северна Македонија. Јакимовска ја подвлече и важноста од вклучување на гласот на младите во обликувањето на иднината на Европа.

По поздравните говори, присутните имаа можност да го проследат обраќањето на Африм Гаши, Претседател на Собранието на Република Северна Македонија, кој ја потврди непоколебливата посветеност на државата кон европскиот пат, и покрај предизвиците поврзани со потребата од уставни измени. Во однос на прашањата поврзани со идентитетот, кои ги следат овие предизвици, тој ја истакна важноста од смирена и искрена соработка меѓу партнерите, бидејќи партнерството со ЕУ не е само од корист за Северна Македонија туку е и геополитичка нужност. Тој го заврши својот говор со порака од македонскиот народ, кој очекува достоинство во овој процес со цел да ја задржи надежта за учество во европскиот проект.

Проф. д-р Норберт Ламерт, Претседател на Фондацијата Конрад Аденауер и поранешен претседател на германскиот Бундестаг, го започна своето обраќање со цитирање на Бриселската декларација од декември 2024 година: геополитичката итност во услови на глобални кризи, заедничките вредности и потврдената посветеност на ЕУ кон иднината на Западен Балкан. Но, веднаш потоа тој се осврна на политичката реалност, посочувајќи дека, и покрај ваквите декларации, евидентна е „дискретна стагнација“ во процесот на пристапување. Тој подвлече дека во рамки на актуелната ЕУ рамка, ниту Унијата е способна за проширување, ниту пак земјите кандидати целосно ги исполнуваат критериумите. ЕУ, според него, стана жртва на сопствениот успех: инсистирањето на строги услови, иако неопходно, истовремено го забавува политичкиот импулс потребен за напредок.

Микулаш Ѕуринда, Претседател на Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс и поранешен премиер на Словачка, го заокружи делот со обраќањата на главните говорници, рефлектирајќи го генералното чувство на растечка фрустрација кај македонските граѓани. Истовремено, тој го истакна примерот на својата држава, Словачка, за да ѝ даде надеж на Северна Македонија во процесот на пристапување. Надеж за Северна Македонија, надеж за ЕУ беше централната порака од неговото обраќање, при што како пример за промена на политичката динамика во Европа ги наведе изборите во Романија, кои покажале отпор кон десничарскиот популизам.

По инспиративните воведни говори, денот продолжи со панел дискусија на тема „Обликување на иднината – ЕУ интеграцијата како двигател на напредокот на Северна Македонија“ со учество на високи претставници кои играат клучна улога во пристапниот процес на Северна Македонија. Динамичната дискусија се фокусираше на три главни теми: реформите неопходни за членство во ЕУ, внатрешните предизвици на ЕУ во процесот на носење одлуки и импликациите на сложениот процес на пристапување за мултиетничкото општество на Северна Македонија. Н.Е. Петра Дрекслер, Амбасадорка на Германија во Северна Македонија, ја потенцираше потребата од поголемо користење на квалификувано мнозинство при донесувањето одлуки во рамките на ЕУ – нешто што новата германска влада го има утврдено како приоритет во својата коалициска програма. Ова, како што додаде Н.Е. Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија, мора да биде проследено со поголема флексибилност и креативност во техничките аспекти на процесот. Освен одговорноста на државата да испорача реформи, на што се осврна Марија Петрушевска, Пратеничка од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, беше нагласена и важноста на меѓупартиска поддршка. Моника Зајкова, Пратеничка од ЛДП, ја потенцираше подготвеноста на опозицијата да помогне во пронаоѓање креативни решенија за уставните предизвици на Северна Македонија. Истовремено, Фериде Хаџиу, Пратеничка од коалицијата „Влен“, истакна дека одржувањето на стабилноста на мултиетничкото општество во земјата мора да остане во фокусот.

Првиот дел од настанот заврши свечено со доделувањето на Признанието за Европска личност на годината за 2024 на Рисима Рисимкин, позната македонска балерина, кореограф, уметник и универзитетски професор. Во својот говор, таа ја издигна дискусијата на уметничко ниво, опишувајќи ги предизвиците на процесот на пристапување како поттик за понатамошен раст.

Вториот дел од настанот беше осмислен како младински клуб со наслов „Гласот на младите за Европа – Идеи за подобар живот и поправедно општество“, каде што се дискутираа теми како: учеството на младите во политиката и општеството освен во сферата на спортот, образованието и културата, растечкиот евроскептицизам меѓу младите Македонци и одливот на високообразован кадар. Овие теми претставуваат клучни прашања за иднината на земјата – не само во рамки на ЕУ, туку воопшто. Дискусијата, во која учествуваа Драгана Бојковска, Пратеничка и Координаторка на Клубот за младински прашања и политики, и Филип Ивковски, Претседател на Националниот младинскиот совет на Македонија (НМСМ), претставуваше важна можност за размена на мислења меѓу чинителите во оваа област и младите кои го бараат своето место на масата. Дискусијата заврши со отворена покана од Драгана Бојковска за продолжување на дебатата во Собранието со цел да се постигне поголема видливост и влијание.

Денот заврши со Ораторски натпревар, во кој учествуваа 14 студенти од пет различни универзитети, кои одржаа моќни говори изразувајќи ги своите најголеми грижи со импресивни реторички вештини. Првото место го освои Линдита Ферати од Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово, второто место ѝ припадна на Софија Бислимоски од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, додека третото место го поделија Дарко Трпковски и Христина Гарабилјевиќ од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. По ова, последен настан беше Квиз на знаење за ЕУ, каде што девет ученици од три средни училишта во Скопје ги покажаа своите знаења за Европската Унија. Првото место го освои Алексеј Стојановиќ од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“, второто место ѝ припадна на Евгенија Нинковска од СУГС „Георги Димитров“, а третото на Благоја Ангелов од СУГС „Никола Карев“.

Овие завршни активности го одразуваат духот на целиот настан: ангажираност, посветеност кон иднината и уверување дека иднината на Европа е во рацете на младите.
 

Asset Publisher

Контакт Daniel Braun
Daniel Braun
Официјален претставник на канцеларијата за Северна Македонија и Косово
daniel.braun@kas.de +389 (2) 3217075 +389 (2) 3217076
Контакт

Davor Pasoski

Ansprechpartner Mazedonien
Програмски менаџер
davor.pasoski@kas.de +389 2 3217 075

comment-portlet

Asset Publisher