Академијата ја отвори Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацјата Конрад Аденауер, кој потенцираше дека локалната политика е првата инстанца каде граѓанинот доаѓа во контакт со државата. Затоа е важно соодветно да се одговори на потребите и да се делува во насока на граѓанинот. Исто така тој подвлече дека семинарот во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и ПИАЦ „Љубиша Георгиевски“ ќе понуди добри примери од праксата и дека се надева дека истите ќе бидат интересни и ќе предизвикаат дискусии.
На настанот се обрати и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој истакна дека градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во текот на нивното работење изминативе 3 ипол години, поставиле нови стандарди на работење и претставуваат пример за чесна и посветена работа за локалните заедници од каде доаѓаат. Исто така тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ очекува уште поголема победа на локалните избори оваа година, а како резултат на нивната работа изминатиот период.
Потоа се обрати раководителот на ПИАЦ, Светислав Васев, кој се заблагодари на присутните и имаше осврт во делот на медиумскиот настап на градоначалниците и пренесувањето на пораките до граѓаните, но и слушање на нивните пораки и преточување на истите во политики.
На Академијата се обрати и генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски, кој рече дека посветеноста на градоначалниците мора да продолжи и во иднина.
Академијата продолжи во сабота со целодневни предавања и тренинзи од Мотива, а истата заврши во недела со експертска презентација на портпаролот на владата и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, која говореше во насока на важноста од квалитетна и навремена презентација на сработеното пред граѓаните, односот со медиумите, социјалните медиуми, и секаков друг вид на комуникација.
Во делот на заклучни согледувања на обуката, кон дискусиите се приклучија и Давор Пашоски, од Фондација Конрад Аденауер и Светислав Васев. Овој дел опфати дискусија со присутните во врска со потребите и приоритетите во наредниот период.
Политичката академија 2025 претставува значаен чекор во насока на јакнење на капацитетите на локалната самоуправа и унапредување на стратешките и комуникациските вештини на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Преку предавања, обуки и дискусии, учесниците имаа можност да разменат искуства, да ги препознаат предизвиците со кои се соочуваат на локално ниво и да развијат нови пристапи за унапредување на комуникацијата со граѓаните. Во таа насока, особено беше потенцирано дека континуираното вложување во обука и едукација на локалните лидери претставува клучен предуслов за градење на поефикасни, потранспарентни и поодговорни локални самоуправи, кои ќе бидат целосно насочени кон потребите на граѓаните.