На конференцијата учествуваа претставници на академската и научната заедница, безбедносните институции и јавниот сектор, како и истражувачи и практичари од 15 земји од Централна и Југоисточна Европа, САД и Африка. Настанот беше посветен на размена на научни сознанија, искуства и перспективи за современите и идните безбедносни предизвици во услови на забрзан развој на паметните технологии, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Во фокусот на конференцијата беа трансформацијата на безбедноста во пресрет на 2030 година, сајбер-безбедноста и дигиталната отпорност, хибридните закани, заштитата на критичната инфраструктура, како и правните и етичките аспекти на примената на новите технологии. Посебно внимание беше посветено на градењето отпорни институции и општества и на унапредувањето на регионалната и меѓународната соработка.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Весна Јаневска, министерка за образование и наука, Давор Пашоски, програмски менаџер во Фондацијата Конрад Аденауер, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, и Јонче Ивановски, декан на Факултетот за безбедност – Скопје.
Во рамките на воведната пленарна сесија, Кристина Катрин Краузе, раководителка на Одделот за меѓународни и безбедносни прашања при Фондацијата Конрад Аденауер, се осврна на безбедносните предизвици поврзани со развојот на паметните технологии, новите ризици и потребата од градење отпорни општества.
Свое излагање имаше и Габор Ковач, полициски генерал-мајор и декан на Факултетот за спроведување на законот при Универзитетот за јавни служби „Лудовика“ во Унгарија, кој говореше на тема „Високото полициско образование на крстопат: Актуелни предизвици и идни насоки“, осврнувајќи се на актуелните предизвици и идните насоки во високото полициско образование.
Вториот ден од конференцијата беше посветен на научни излагања организирани паралелно во пет тематски сесии: Полициско работење, истраги и технологии во јавната администрација; Паметен сообраќај, транспорт и безбедност на урбаната мобилност; Меѓународна соработка, глобална безбедност и безбедносна економија; Етика, право, регулатива и дигитална отпорност; и Хибридни закани, информациска безбедност и отпорни општества.
Во рамките на сесиите беа презентирани повеќе од 70 научни трудови, кои опфатија широк спектар актуелни безбедносни прашања, вклучувајќи ја примената на вештачката интелигенција во полициското работење, сајбер-безбедноста, дигиталните докази, хибридните закани, биометриските технологии, паметните транспортни системи, меѓународната безбедност и институционалната отпорност.
Конференцијата се одржа во хибриден формат, со физичко и онлајн учество, овозможувајќи вклучување на научници, истражувачи и практичари од различни земји. Преку научните излагања и тематските дискусии беше поттикната размената на знаења, искуства и добри практики, како и развивањето мултидисциплинарни пристапи кон современите безбедносни предизвици.
Настанот претставува продолжување на долгогодишната соработка меѓу Фондацијата Конрад Аденауер и Факултетот за безбедност – Скопје, насочена кон поттикнување на научната дебата, зајакнување на соработката меѓу академската заедница и институциите и развивање современи пристапи за справување со безбедносните ризици и предизвици.