Во своето воведно обраќање, Даниел Браун, официјален претставник на КАС, нагласи дека општинското ниво на управување не треба да се потцени или гледа како помалку важно, туку како критична точка на контакт каде граѓаните директно ја доживуваат и оценуваат политиката на национално ниво. Тој потенцираше дека токму на локално ниво се носат одлуки кои одредуваат дали луѓето се чувствуваат слушнати и дали нивните грижи се адресирани — што ја прави локалната самоуправа суштинска услуга за јавноста. Браун исто така предупреди дека нерешени прашања на општинско ниво можат да прераснат во поголеми проблеми на национално ниво. Тој го заврши своето обраќање со оптимистичка нота, наведувајќи дека овие предизвици можат да се избегнат преку искрена, ефективна и одговорна работа на локално ниво.
Во своето обраќање, Христијан Мицкоски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, се осфрна на претстојните локални избори, значењето на соработката помеѓу локалната самоуправа и институциите на национално ниво и пошироката политичка стратегија на актуелната влада. Користејќи примери како инфраструктурни проекти и инвестиции во туризмот, Мицкоски илустрираше дека одржливиот развој на државата зависи од блиска и ефективна соработка помеѓу локалните и националните власти. Тој нагласи дека одржувањето на оваа соработка е од суштинско значење за напредокот и дека претстојните избори ќе бидат клучни за да се обезбеди нејзино продолжување. Во заклучок, тој нагласи дека доброто управување во земјата е темел за меѓународниот углед и надворешните односи на државата.
Раководителот на Партискиот истражувачки и аналитички центар “Љубиша Георгиевски”, Светислав Васев, ги поздрави присутните на обуката и ја изрази својата благодарност до КАС за организирањето на овој настан, подвлекувајќи ги добрите односи што КАС ги има со Партијата и со Аналитичкиот центар.
Завршувајќи ги воведните обраќања, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, го истакна својот град како конкретен пример за позитивното влијание што може да го донесе силниот фокус на локалната самоуправа. Наведувајќи ги клучните проекти како новиот автопат до Скопје и изградбата на клинички центри во Штип, тој нагласи дека овие развојни проекти се препознаени и ценети од страна на граѓаните на Штип. Јорданов дополнително потенцираше дека ваквите инфраструктурни проекти се суштински не само за подобрување на квалитетот на животот на локално ниво, туку и за спречување на иселувањето преку создавање можности и стабилност кои ги охрабруваат луѓето да останат во своите заедници. На крајот од своето излагање тој ја постави насоката за следните два дена, забележувајќи дека успешните приказни како онаа на Штип често ги имаат своите корени во настани како оваа обука.
Обуката продолжи со панел дискусија на тема „ Обединети за локално дејствување: Изградба на ефективна соработка помеѓу Владата, Собранието и општините со цел задоволување на потребите на граѓаните “ на која земаа учество Антонио Милошоски, потпретседател на Собранието; Златко Перински, министер за локална самоуправа и Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС. Меѓу другото, на панел дискусијата беа разгледани тековните активности на Владата за поддршка на општините. Беше нагласено дека се доделени над 250 милиони евра за локални проекти, со заложба оваа финансиска поддршка да продолжи и во иднина. Сите општини имаат право да аплицираат за финансирање на нивните приоритети за локален развој. Дискусијата исто така го истакна значењето на двонасочната комуникација помеѓу институциите на национално и локално ниво, нагласувајќи дека институции на државно ниво мора да ги слушаат нотираните потреби од општините и да одговорат навремено и соодветно.
Во следните два дена, семинарот продолжи со интензивна агенда на обука фокусирана на комуникација, лидерство и стратешки локален развој.
Во саботата сесиите вклучуваа низа предавања и интерактивни дискусии водени од универзитетски професори и професионалци во областа на политичката комуникација и лидерство. Јасна Бачовска Недиќ и Александар Спасеновски, двајцата професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, дадоа увид во стратегии за комуникација базирана на доверба и рамнотежа помеѓу внатрешна кохезија и јавниот ангажман. Обуката продолжи со Стојче Стаменковски, експерт за дигитални медиуми, кој одржа сесија за зголемување на политичката видливост и градење на јавна доверба преку стратешка употреба на дигитални платформи. Попладнето, Александра Јанеска-Илиев од Економскиот факултет во Скопје ги водеше учесниците низ сесија за личен развој и одржливо јавно лидерство.
Неделата беше посветена на обука за применети вештини предводена од тимот на Мотива. Нивната интерактивна работилница беше фокусирана на совладување на лидерски и комуникациски вештини за пренесување јасни, кредибилни и убедливи пораки до различни целни групи. Дополнително, беше спроведена проценка на емоционалната интелигенција кај сите учесници, нудејќи вреден увид во самосвеста како поддршка на нивниот личен и професионален развој.
На крајот од семинарот, Давор Пашоски, програмски менаџер во Фондацијата Конрад Аденауер и Светислав Васев, раководител Партискиот истражувачки и аналитички центар “Љубиша Георгиевски” се обратија на учесниците. Во нивните завршни обраќања, тие го нагласија стратешкото значење на семинарот во зајакнување на соработката помеѓу институциите на државно ниво и единиците на локалната самоуправа. Тие исто така ја подвлекоа важноста на континуираните вложувања во политичките и професионалните капацитети на раководствата на единиците на локалната самоуправа, потврдувајќи ја посветеноста на организаторите на долгорочен институционален развој и инклузивно демократско управување.